Следи нѐ
To Top

„Македонско девојче“ и Каролина првпат во живо во Белград

Неповторливата Каролина Гочева за првпат во живо ќе го претстави проектот „Македонско девојче“ во престижната концертна сала „Коларац“ во Белград, на 7-ми ноември, во организација на Авалон продукција.

Станува збор за ексклузивен концерт, на кој белградските фанови на Каролина и медиумите ќе имаат единствена прилика во една вечер да ги слушнат повеќето песни од двата албума „Македонско девојче 1“ и „Македонско девојче 2“.

По распродадените шест последователни концерти во Македонската опера и балет, потоа и низ неколку градови во Македонија, за на крај со успешна завршница во арената „Борис Трајковски“ во Скопје (со продадени над 15 илјади билети во цела Македонија), проектот „Македонско девојче“ брзо почна да го освојува и Балканот. Оваа година, Каролина беше headliner на најголемиот музички фестивал во овој дел од Европа- „EXIT Festival“, како и гостинка на фестивалот „Балкан боеми“ во Банско, Бугарија.

Со проектот „Македонско девојче“, двата албума на Каролина („Македонско девојче 1“ и „Македонско девојче 2“), станаа најпродавани во Македонија. Откако домашната јавност со големо воодушевување го слушна последниот албум на Каролина, тој доби и регионално издание преку водечката дискографска куќа „Далас рекордс“ од Хрватска, а исто така достапен е и дигитално и преку најголемата светска онлајн продавница за музика, iTunes store.

Каролина ќе настапи со бенд, специјално оформен за овој проект, во состав од: Николче Мицевски (композитор, клавијатури, хармоника), Благојче Трајковски (кларинет), Благоја Антовски (тапани), Зоран Костадиновски и Владимир Чадиковски (гитара), Владимир Крстев (виолина), Мартин Јосифовски (бас гитара), а специјален гостин на концертот ќе биде виртуозот на труба, Џамбо Агушев.

Билетите за концертот на Каролина во салата „Коларац“ ќе бидат пуштени во продажба од понеделник, преку глобалната мрежа Eventim, по цена од 1.500 динари.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Музика

error: Содржината е заштитена со авторски права.