//
Следи нѐ
To Top

Скопски џез-фестивал со десет концерти од 15-ти до 18 октомври

Осум концерти во четири вечери во Македонската опера и балет и уште два во полноќната програма во „Сити хол“ ќе понуди годинашниот, 34. Скопски џез фестивал од 15-ти до 18 октомври.

Фестивалот задутре во 20 часот ќе почне со концерт на американскиот гитарист Џејмс Блад Алмер, по кого ќе настапи Џанлука Петрела – меѓународно реномиран тромбонист и еден од најголемите претставници на италијанскиот џез во светот.

реклама

Петочната фестивалска вечер ќе ја отвори германскиот пијанист Јоаким Кин, еден од најзначајните претставници на џез-авангардата, и ќе продолжи со настапот на триото на Авишаи Коен од Израел, кој е меѓу најголемите светски виртуози на контрабас.

На 17 октомври е концертот на американскиот композитор и пијанист Крег Тејборн, кој нуди нова перспектива во создавањето џез-музика и кому лани Асоцијацијата на џез-новинари му ја додели наградата за најдобар пијанист, а по него во МОБ ќе гостува и неговиот сонародник – џез-пејачот и композитор Грегори Портер, чиј албум „Liquid Spirit“ имаше голем комерцијален успех и освои награда „Греми“ за најдобар вокален џез-албум.

132844516

На завршната вечер во недела ќе настапи канадскиот тандем – Сара Нуфелд и Колин Стетсон, кои на виолина и саксофон создаваат богати и егзотични звуци, а по нив, за крај на годинашниот Скопски џез-фестивал, концерт ќе има осумчлениот шведски бенд „Англес 8“ кој свири современ џез, комбинација од разновидни музички влијанија.

Полноќните концерти во „Сити хол“ ќе бидат во петок и сабота – на 16-ти ќе гостува џез-секстетот „Melt Yourself Down“, во кој членуваат неколкумина најиновативни музичари на џез, рок и ворлд-мјузик сцената во Велика Британија, а на 17 октомври ќе гостува наградуваниот алт-саксофонист и рапер Совето Кинч, еден од најразновидните музичари на британската џез и хипхоп-сцена.

Директорот на Скопски џез-фестивал Оливер Белопета денеска на прес-конференција рече дека при конципирањето на програмта и изборот на годинашните учесници се внимавало да се зачува високото естетско реноме и репутација што Скопскиот џез-фестивал го има во Европа и во светот. Подвлече дека критериуми за двата фестивала што ги организираат (Скопски џез-фестивал и Оффест) се тие да комуницираат со најдоброто на светската музичка сцена.

– Со оглед дека оваа музика – џез и ворлд-мјузик, денес е многу малку присутна во електронските медиуми, на телевизиите и радијата, нашата програма има едукативен карактер, нејзината цел е да едуцира нови генерации на слушатели, рече Белопета.

На 15 октомври од 18.30 часот во фоајето ан МОБ ќе биде отворена и изложба на џез-фотографии, насловена „Sweet Addiction“, на авторката од Словенија Петра Цвелбар. Фестивалот ќе се одржува под покровителство на Министерството за култура. Автор на дизајнот на плакатот за годинашното издание е Карло Меѓугорац.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: