Следи нѐ
To Top

Скопје блесна во полн сјај на Европската недела на градови во Брисел

Град Скопје во полн сјај блесна на 13-то издание на „Отворени денови – Европска недела на региони и градови” што деновиве се одржува во Брисел, а каде меѓудругото стана и првиот град од Западен Балкан што со Европската комисија ја потпиша „Зелената дигитална повелба” за користење на комуникациски технологии во справување со климатските промени.

Како што јави дописникот на МИА од европската престолнина, на овие отворени денови во Брисел, Град Скопје го претставуваше делегација предводена од градоначалникот Коце Трајановски, а во која беа и повеќе членови на Советот на Град Скопје и претставници на администрацијата на Град Скопје кои учествуваа на голем број предавања, дебати и работилници.

реклама

Со потпишување на „Зелената дигитална повелба”, од страна на претставници на Еврокомисијата и на Европските градови (Евроситис) и градоначалникот Трајановски, градовите се обврзуваат, преку соработка со другите градови-потписници, да преземат активности за намалување на последиците од климатските промени преку користење на информациските и комуникациските технологии за развој (ИКТ). Со овој проект, во кој Град Скопје е првиот од Западниот Балкан, а воедно еден од вкупно 46-те градови од 20 европски држави, предвидена е зголемена соработка со другите нејзини потписници и се предвидени меѓусебни посети, размена на идеи и искуства и имплементирање на проекти од оваа област.

– Ова е од голема важност за Градот Скопје поради фактот што ова е документ што претставува водечка програма за поголема вклученост на информатичко-комуникациската технологија во поглед на заштитата на животната средина и на енергетската ефикасност, посочи градоначалникот Трајановски по потпишувањето на повелбата.

Во рамки на „Отворените денови”, Град Скопје за првпат организираше и отворен прием, кој синоќа се одржа во Постојаната мисија на Република Македонија при Европската унија во Брисел, каде голем број амбасадори, европратеници, дипломати и учесници во „Отворените денови” имаат можност да уживаат во македонската традиционална кујна, вино и музика на маестро Зоран Џорлев. На приемот свои обраќања имаат градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, македонскиот амбасадор при Европската Унија, Андреј Лепавцов, а приемот го отвори министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Инаку, „Отворени денови – Европска недела на региони и градови” е традиционален четридневен настан, кој за првпат е организиран во 2003 година од Комитетот на регионите при Европската унија и на истиот градовите и регионите од Европа имаат можност да се претставуваат пред јавноста и да остварат подобра соработка на локално и на регионално ниво во Европа. „Отворените денови” беа одлична платформа за вмрежување меѓу градовите и регионите и размена на искуства и добри практики во повеќе области, како што се економскиот развој и социјалната инклузија, јавното-приватно партнерство, прекуграничната соработка, регионалните иновации и локалниот економски развој.

На годинешново издание на „Отворени денови – Европска недела на региони и градови” во Брисел учествува околу шест илјади претставници на повеќе од 200 региони и градови од Европа, а во работниот дел се одржаа над 140 дебати и работилници.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.