Следи нѐ
To Top

Почнува 34. Скопски џез-фестивал

Осум концерти во четири вечери во Македонската опера и балет и уште два во полноќната програма во „Сити хол“ ќе понуди годинашниот, 34. Скопски џез фестивал од денеска до 18 октомври.

Фестивалот вечер во 20 часот ќе почне со концерт на американскиот гитарист Џејмс Блад Алмер, по кого ќе настапи Џанлука Петрела – меѓународно реномиран тромбонист и еден од најголемите претставници на италијанскиот џез во светот.

реклама

Утревечер ќе гостува германскиот пијанист Јоаким Кин, еден од најзначајните претставници на џез-авангардата, и ќе продолжи со настапот на триото на Авишаи Коен од Израел, кој е меѓу најголемите светски виртуози на контрабас.

В сабота е концертот на американскиот композитор и пијанист Крег Тејборн, кој нуди нова перспектива во создавањето џез-музика и кому лани Асоцијацијата на џез-новинари му ја додели наградата за најдобар пијанист, а по него во МОБ ќе гостува и неговиот сонародник – џез-пејачот и композитор Грегори Портер, чиј албум „Liquid Spirit“ имаше голем комерцијален успех и освои награда „Греми“ за најдобар вокален џез-албум.

На завршната вечер во недела ќе настапи канадскиот тандем – Сара Нуфелд и Колин Стетсон, кои на виолина и саксофон создаваат богати и егзотични звуци, а по нив, за крај на годинашниот Скопски џез-фестивал, концерт ќе има осумчлениот шведски бенд „Англес 8“ кој свири современ џез, комбинација од разновидни музички влијанија.

Полноќните концерти во „Сити хол“ ќе бидат во петок и сабота – на 16-ти ќе гостува џез-секстетот „Melt Yourself Down“, во кој членуваат неколкумина најиновативни музичари на џез, рок и ворлд-мјузик сцената во Велика Британија, а на 17 октомври ќе гостува наградуваниот алт-саксофонист и рапер Совето Кинч, еден од најразновидните музичари на британската џез и хипхоп-сцена.

Пред вечерашниот концерт во 18.30 часот во фоајето ан МОБ ќе биде отворена и изложба на џез-фотографии, насловена „Sweet Addiction“, на авторката од Словенија Петра Цвелбар.

Фестивалот ќе се одржува под покровителство на Министерството за култура. Автор на дизајнот на плакатот за годинашното издание е Карло Меѓугорац.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.