Следи нѐ
To Top

Хан: Нема договор, работните групи продолжуваат со работа

Без договор за отворените прашања од договорот од Пржино заврши рано изутринава средбата на партиските лидери со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан. Сепак, има согласност разговорите на партиските работни групи да продолжат.

– Дефинитивно ова не беше добар ден. Не постигнавме договор, но останувам оптимист. Се надевам дека лидерите ја сфатија сериозноста на ситуацијата. Она што е потребно е лидерство, одговорност и водење грижа за интересите на земјата и нејзината иднина, изјави Хан рано утринава околу четири часот, по речиси 12-часовните разговори со лидерите на четирите политички партии во Резиденцијата на ЕУ.

реклама

Хан изрази разочараност што не бил постигнат договор околу реконструкцијата на Владата, согласно Договорот од јуни и јули, а за што според него, имало време неколку недели.

– Се надевам дека во текот на денешниот ден ќе се постигне договор.Тоа е апсолутно неопходно за да се придржуваме до договорот од јуни и јули кој беше поздравен од меѓународната заедница, а кој ја одржува жива европската перспектива на земјата. Не можам да предвидам што би значело тоа за европските аспирации. Но, она што е потребно е лидерство, одговорност и водење грижа за интересите на земјата и нејзината иднина. Се е можно. Моите луѓе остануваат тука, но тие не можат да ја завршат работата на политичарите, рече Хан пред да замине за Брисел и посочи дека очекува договорените рокови да се почитуваат, оти нови нема да има.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека иако не е постигнат финален договор, сепак, имало прогрес и приближување на ставовите по одделни прашања.

– Разговаравме за законот за материјалите кој беше предложен пред една недела во Собранието. Тука се обидуваме да најдеме баланс помеѓу јавниот интерес во смисла на заштита на слободата на изразување и она што е напишано во Договорот од 2 јуни и од 15 јули. Разговаравме и за законот за „свиркачите“ кој е новитет во македонското законодавство, за кој ќе треба да се направат дополнителни напори за доближување. Во текот на утрешниот ден е најавено одржување на повторен состанок на работните групи. Ние ќе останеме целосно посветени на постигнување финален договор околу сите отворени прашања, рече меѓу другото Димовски.

Во однос на Законот за Влада, подвлече дека е особено значаен, бидејќи предвидува воведување дополнителни заменици министри, што како регулатива досега ја нема во македонското законодавство поради што, вели, неопходна е измена на законот и прецизно утврдување на нивните надлежности. Како позитивен исчекор од досегашните разговори Димовски го издвои усогласувањето за изборниот законик, за кој, вели, можно е уште денеска да се најде во собраниска процедура.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев по средбата го обвини ВМРО-ДПМНЕ за купување време и посочи дека остануваат уште 20 часа да се имплементира Законот за специјалниот обвинител и да се избере техничката влада за да може да се испочитува Договорот од 2 јуни и 15 јули.

– Спорот во делот на техничката влада е ветото на замениците министри. Апсолутно тоа е дефинирано во самиот член од протоколот каде што објаснува „се однесува на финансиски, човечки и правни работи поврзани со организацијата на изборите“. Тоа треба да се преточи во закон, а тоа е едноставно, рече Заев.

Разликите во однос на законот за прислушуваните материјали, додаде, е што СДСМ не се согласува со казнување на медиумите за објавување на материјалите.

Инаку, прв од средбата во Пржино си замина лидерот на ДПА Мендух Тачи, кој не даде изјава. Кусо по него и Али Ахмети, претседателот на ДУИ излезе од резиденцијата на ЕУ. Во изјавата за медиумите рече дека за време на разговорите постигнато е приближување по одредени прашања, но оти се уште постојат мали разлики.

– Се договоривме работните групи да продолжат со работа за да ги затворат сите разлики кои останаа во однос на надлежностите на министрите, на Законот за Владата. Меѓународната заедница е заинтересирана и е многу активна во надминувањето на овој проблем, рече Ахмети.

На разговорите во Пржино присуствуваа и евроамбасадорот Аиво Орав, американскиот амбасадор Џес Бејли и белгискиот посредник во преговорите на работните групи Питер Ванхауте.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.