Следи нѐ
To Top

Македонија има капацитет да згрижи максимум 2.000 бегалци

Ако коридорот за транзит на бегалците се затвори ќе мора некаде да се забави протокот на бегалците, затоа во Грција се предвидува таков пункт, но бидејќи Македонија од јужната до северната граница има куса дестинација од 160 километри, нелогично е тие да остануваат. Сепак, капацитетите на Македонија се да згрижат до максимум 2.000 бегалци и тоа со помош на УНХЦР и на Црвениот Крст.

Ова го посочи претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на брифингот со новинарите по завршувањето на денешниот мини-Самит на десет ЕУ-земји со Македонија, Србија и Албанија, јави дописникот на МИА од Брисел.

реклама

Според Иванов, нашата земја исто така не посакува да се случи затворање на коридорот, но оти во таков случај, она што ќе го превземат членките на ЕУ ќе мора да го стори и нашата држава.

– Македонија е подготвена за сите сценарија, но не сакаме до тоа да дојде. Кооперативни сме да бидеме транзит-зона, бегалците да приоаѓаат и да не остануваат. Се надеваме дека нема да дојде до затворање на границите. Затоа е и свикан овој состанок, за да се најде решение. Се разговара за можни солуции и Македонија затоа учествува. За жал не сме во ЕУ, но мора да имаме информации за да се справиме со сите предизвици со кои се соочуваме во однос на бегалците, напомена Иванов.

Заблагодарувајќи му се на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер за тоа што Македонија за првпат учествува во работата кога се расправа за прашање од регионот, Иванов рече дека бегалската криза е голем предизвик, не само за ЕУ, туку за цела Европа како континент. Тој посочи дека се расправало како да се најдат решенија за овој огромен предизвик.

– За разлика од бегалците од Сирија и Ирак кои сакат да се вратат во своите домови, бегалците од Африка тоа го немаат. Тоа ја усложнува состојбата, бидејќи нема размена на информации, нема комуникација меѓу сите земји на овој коридор. Македонија, како и во други случаи и во овој случај е парадокс, бидејќи сите бегалци доаѓаат од територија на ЕУ. Тоа го потенцирав и во мојот говор, бегалците требаше да дојдат за да се укаже кој е најбрзиот приод на Блискиот Исток кон Европа. Многумина заборавиле кои се коридорите кои одат кон ЕУ и ЕУ сега се соочува со овој предизвик од територија надвор од ЕУ, а тоа пред се е Турција, посочи Иванов.

Според македонскиот претседател, на овој состанок се отвориле многу прашања, бидејќи досега секоја земја на свој начин го решава овој проблем. Но, со овој состанок се доаѓа до заедничко решавање и на ЕУ и на кандидатите за членство во Унијата и земјите на патот на коридорот на бегалците. Според него, се работи на изготвување на документ кој треба да ги земе предвид сите забелешки, што ќе доведе до регулирање на досега нерегулираните прашања меѓу членките и нечленките на ЕУ.

– За нас како земји на коридорот е интерес што коридорот е уште отворен, а тоа е заслуга на германската канцеларка Ангела Меркел која овозможува бегалците да се движат. Ако се затвори било која членка, тоа ќе ја усложни ситуацијата оти нашата земја и регионот немаат капацитет и можности да се соочат со толкав број на бегалци. Тоа за нас и Србија, но и за Хрватска и Словенија, кои се исто така премногу финансиски истрошени, ќе биде проблем, посочи Иванов.

Претседателот на Република Македонија додаде дека за Македонија е сето ова огромен товар и оти сите ресурси се од сопствениот буџет. Досега Македонија добила само 90 илјади евра средства од ЕУ, а месечно троши милион евра за трошоци за безбедносните сили. Низ Македонија, според Иванов, поминале 7.000 деца без родители и затоа земјата бара финансиска, но и техничка помош, бидејќи нема опрема за земање на биометриски податоци кои би се користеле и од други земји на патот на регионот.

Тој посочи дека нема размена на информации меѓу службите, бидејќи мигрантите доаѓаат од кризни подрачја зафатени со воени операции и меѓу нив има луѓе од Балканот што се странски борци во Сирија и Ирак кои преку бранот на бегалци се враќаат. Иванов посочи дека за нив треба процес на дерадикализација и социјализација. Тој рече дека не е решение тие луѓе да се апсат и носат во затвори, каде ќе инфицираат затвореници со идеи кои ги повеле да одат во Сирија и Ирак.

– Иако Македонија нема финансиска помош, земјата се снаоѓа и единствено може да биде транзит-земја. Македонија нема капацитет за да може да задржи поголем број бегалци на своја територија ако коридорот се затвори, дециден е Иванов.

За тоа дали е можно европската гранична служба Фронтекс да се постави на границата меѓу Грција и Македонија, претседателот Иванов рече дека Грците се против.

– Грција е против тој предлог за поставување на Фронтекс на границата, поради нивното јавно мислење. Ќе го видиме финалниот текст. Грција инсистира тие прашања билатерално да се решаваат. Имавме разговор со нивниот премиер Алексис Ципрас, да ја истакнеме неопходноста од размена на податоци, кои засега ги немаме. Пред се за тоа колку од островите од Грција доаѓаат на Пиреја и колку оттаму накај Македонија. Некогаш и по десет илјади бегалци ненајавено доаѓаат. Соработката е на ниско ниво и потребна е размена меѓу министерствата и владите. Разменуваме информации со Србија и Хрватска преку полициите и такви информации ни се потребни и од грчка страна. Ципрас вети ќе се заложи да ги добиваме информациите, да најавуваат колку и кој ден доаѓаат бегалци и размена на чувствителни информации во врска со прашања на службите, одговори Иванов.

Според македонскио претседател, има многу информации до кои нашата држаца нема пристап, бидејќи Македонија ниту има пристап до базата со податоци на Фронтекс, ниту до оние на Шенген-зоната. А, според него и информации кои ние ги имаме на терен немаме кому да ги соопштиме што е важно за тоа каде одат мигрантите.

– Сето тоа е поради односите со Грција и нашето отворено прашање со оваа земја, па соработката на тој план не е досега соодветна. Цирпас вети дека ќе се заложи службите да разменуваат податоци и грчките официјални органи да соопштуваат кога ќе стапнат бегалците на тлото на Грција, истакна Иванов.

За тоа дали станало збор и за безбедносните прашања што може да ги предизвика бегалската криза, македонскиот претседател рече дека акцент се ставило на овој мини-Самит и на хуманитарноста и почитувањето на Женевската конвенција. Тој рече дека е штета што Турција не присуствувала на овој состанок за да може да ги каже своите ставови за ова прашање.

– Грција е прва земја-членка на ЕУ што мора да обезбеди капацитети каде бранот на бегалците ќе бидат сместени и згрижени додека не бидат транзитирани. Затоа оваа земја инсистира на капацитет од 30 илјади бегалци што да може да ги згрижат и дополнителни 20 илјади бегалци. За тоа Грција ќе добие помош од ЕУ да обезбеди прифаќање до крајот на годината на овие дополнителни 20 илјади бегалци.
На крајот на брифингот со новинарите, запрашан за можноста од крах на политичкио договор од Пржино што може да доведе до губење на препораката за почеток на пристапните преговори со ЕУ од страна на Еврокомисијата, Ѓорге Иванов посочи дека е во Брисел заради мигрантската криза и побара “да се остават лидери на политичките партии кои превзеле обврска и потпишале договор, па тоа што го потпишале и да го реализираат и дека е нивна обврската и одговорноста.
Преговорите за уредување на 16-те точки-заклучоци на лидерите на 13-те земји на мигрантската рута продолжија и после полноќ во Брисел.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.