Следи нѐ
To Top

Избрани уште пет јавни обвинители за тимот на Катица Јанева

Советот на јавни обвинители попладнево на седница прифати пет јавни обвинители кои ќе и бидат помошници на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и со кои составот на ова тело е проширен на вкупно дванаесет заедно со претходно избраните седум јавни обвинители.

Петтемина јавни обвинители избрани денеска за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, односно Специјалното обвинителство, се: Гаврил Бубевски, Ленче Ристевска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро, сите од Основното јавното обвинителство-Скопје, и Лиле Стефанова од Јавното обвинителство за гонење кривични дела од областа на корупцијата и организираниот криминал.

реклама

Одлуката ја соопшти претседателот на Советот на јавни обвнители Петар Аневски кој рече дека петтемина биле предложени од Катица Јанева која денеска напладне поднела предлог и повторно барање за докомплетирање на нејзиниот тим со избор на јавни обвинители, овојпат пет наместо првично бараните седум обвинители.

– Овојпат побара да бидат избрани пет јавни обвинители и со одредени дополнувања и појаснувања кои за Советот беа прифатливи и заради тоа одлучивме да ја прошириме систематизацијата за пет јавнообвинителски места, изјави Аневски по седницата.

Додаде дека петтемина јавни обвинители Советот едногласно ги изгласал, а на новиннарско прашање што ги премислило одговори дека не се премислиле туку одлуката следува по повеќе средби со Јанева.

– Има писмо со објаснети детали во кои кажува дека оние лица кои учествувале во работење на одредени предмети претходно во ОЈО и, евентуално, доколку се појават конфликт на интереси, тие веднаш да бидат заменети со други јавни обвинители. Има наведено повеќе точки и тие за Советот беа прифатливи, рече Аневски.

Посочи дека Јанева ќе внимава јавните обвинители да не работат на одредени предмети во кои претходно учествувале.

– Нормално е дека оној кој одлучувал по одреден предмет во Основното јавно обвинителство во Скопје дека не ќе може повторно да одлучува и тука… Во овој предлог има наведено дека ќе се сослушуваат или испитуваат многу повеќе лица од она што јас како првично сознание го имав – а тоа е дека 27 предмети формирани има во ОЈО Скопје и еден предмет во Обвинителството за организиран криминал. Наведува дека има уште повеќе предмети и дека веќе заведува нови предмети во уписникот, рече претседателот на Советот на јавни обвинители.

Претходно, на 14 октомври 2015, Советот избра седум јавни обвинители за Специјалното обвинителство: Бурим Рустени, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатиме Фетаи.

Аневски рече дека сите 12 јавни обвинители утре во 11 часот треба да дадат свечена изјава.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.