Следи нѐ
To Top

Заев: Задоволен сум од договореното

Лидерот на СДСМ Зоран Заев е задоволен од договореното на лидерската средба бидејќи тоа, според него, е основна гаранција за имплементирање на договорот од Пржино.

По завршувањето на лидерската средба, Заев изјави дека е постигнат договор за надлежностите на замениците министри, за Изборниот законик, за Законот за свиркачите и за Законот за заштита на приватноста, кој стапува на сила веднаш, а ќе се применува по шест месеци.

реклама

Заев додаде дека договореното денеска уште еднаш треба да биде разгледано на работните групи од технички аспект и штом биде подготвено, ќе биде испратено во Собранието на Република Македонија.

За министер за внатрешни работи е предложен Оливер Спасовски, генералниот секретар на СДСМ, за министерка за труд и социјална политика е предложена Фросина Ременски, за заменик министер за финансии Кире Наумов, за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупче Николовски и за заменик министер за информатичко општество и адиминистрација Александар Кирацовски.

Сите овие кадровски решенија, како што појасни, се условени поради тоа што органите и телата на СДСМ треба да ги донесат одлуките, финално Централниот одбор на партијата.

Тој истакна дека интенција на СДСМ е законите да бидат донесени и министрите и замениците министри да бидат избрани пред објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.

– Најголемата дилема во овие закони, пред се во законот за влада, беше од кога се смета организација на избори и дали да стои во посебен член. Едноставно, решението го најдовме со тоа што ги преточивме формулациите на зборови од самиот Договор од 15 јули каде што се опишува дека заменикот министер, дополнителниот заменик министер имаат право на вето за сите финансиски, правни и човечки ресурси, кои се однесуваат на организација на изборите. Исто така, во законот е прецизирано дека министерот за внатрешни работи може да разрешува, распоредува, на исто ниво, на различно ниво, одредени раководни лица. Нашата интенција не е да ги смениме сите раководители, секако таму има професионалци, бараме пред се шанса да ја извршиме обврската за раководење со Министерството за внатрешни работи и со Министерството за труд и социјална политика, рече Заев.

Тој додаде дека на 24 април ќе се одржат изборите.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.