Следи нѐ
To Top

СДСМ ги предаде материјалите на Специјалното обвинителство

Лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев попладнево ги предаде  материјалите од прислушуваните разговори во Специјалното јавно обвинителство.

– Денеска опозицијата го заврши својот дел од обврската од договорот во Пржино и материјалите од прислушуваните разговори кои ги поседувавме се дадени на Специјаното јавно обвинителство. Претстои обемна работа за СЈО. Посакувајќи  им среќна нова година и многу успех во работата, оставивме материјал што дефинтивно гарантира многу работа. Граѓаните од СЈО кое  е формирано со договор на четирите партии очекуваат и се надеваат дека правдата во РМ повторно ќе се врати за секој граѓанин без оглед на нивната определба, изјави Заев.

реклама

Тој истакна дека очекуваат сите точки од Договорот од Пржино да бидат исполнети од сите учесници кои се вклучени во него, вклучувајќи ја работата на Анкетната комисија, донесување на законот за медиуми и прочистување на Избирачкиот список со цел, како што нагласи, создавање амбиент за кристално чисти избори.

– Истовремено очекуваме да бидат исполнети сите соодветни рокови коишто зависат сега од новоформираната  Државна изборна комисија каде што претстои, согласно законот и договорот  целосно споредување на фотографиите од биометриската документација, целосно споредување на базите од биометриската документација, на граничните премини,  потоа КИПС коишто ги гарантираат трансакциските сметки  на граѓаните и сите други бази на податоци и да се заврши теренската проверка на Избирачкиот список за да опстои обврската на сите политички чинители како одговорни пред граѓаните дека се обезбедени фер, регуларни, демократски услови  за одржување на наредните парламентарни избори. Не може Македонија повторно да оди  на избори со еден милион и 780 илјади гласачи кога знаеме сите дека сме најверојано помалку од 1 милион 650 илјади жители во државата. Ова се сериозни императиви кои се поставени пред нас. Ставивме потписи сите четири претседатели  на политичките партии кои сме вклучени во преговарачкиот процес и обврската е подеднакво заедничка на сите четири чинители од договорот, рече Заев.

Тој потсети на укажувањето од меѓународната заедница дека опстојувањето на препораката за отпочнување на преговори и евроатлантската иднина на државата е можна само ако се исполни императивот на договорот од Пржино, а тоа се чисто кристални избори.

Одговарајќи на новинарски прашања тој истакна дека на Специјалното  јавно обвинителсво го предале целиот материјал кој нив им бил даден од како што рече, луѓе патриоти. За одлуката денеска да ги предадат материјалите со прислушуваните разговори, Заев рече дека е донесена откако добиле информации дека се обезбедени соодветни услови за безбедно чување на материјалите. Тој додаде дека и лично се уверил во тоа, бидејќи денеска имал можност да ги види сефовите каде ќе се чуваат материјалите.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.