Следи нѐ
To Top

ТАТЈАНА АЛЕКСИЌ: Да водиме љубов 2016 пати!

Без желби, посакувања, мечтаења и  соништа , ни реалноста не би била реална, како што кажаа  париските студенти во 1968 година „бидете реални – барајте го невозможното“ !

Како поинаку би се стремеле кон нештата ако за нив претходно не сме фантазирале? Но знаеме ли да си ги контролираме посакувањата? Оние кои умеат да уживаат во малите нешта, знаат  дека  емоционално е неисплатливо  сите желби  да се стават на самиот врв на Новата година – врвот сепак има само една точка и по новогодишната ноќ доаѓа вистинската Нова година.

Од  желби до реалност многу трудољубие  и среќа, па нека ни е „трудна“ и  среќна наредната Нова година  со  седум  мали симболични нешта :

1.БАКНЕТЕ СЕ – Бакнете го саканото суштество во  образот, устата…  со синестезија од сите сетила, тоа е симбол за љубовен почеток на годината. Без љубов нема  почеток !

2.РАЗДОЛЖЕТЕ СЕ – Секако не на удобната фотелја, туку каде  должите било што, со товарот на долгови не се влегува во Нова година. Товарот на долговите не ветува добар почеток!

3.ПОДНОВЕТЕ СЕ – Пропорционално со потребите  и приходите ставете врз себе нешто ново,  (нека се и нов чифт  чорапи) како симбол на нови среќни моменти. Нова среќа во Новата година!

4.НЕ ПОЗАЈМУВАЈТЕ ПАРИ – На 1 Јануари не позајмувајте пари ако верувате во малери !

5.ПРВИОТ ГОСТИН  ВО ВАШИОТ ДОМ –  Добро дојдена личност во која верувате и која умее да ве усреќи ( ако ви sвони инкасатор не го пуштајте  преку прагот)!

6.НЕ КРШИТЕ – Многу често кршиме чаши дур славиме ( а и чинии со сиртаки) но постои верување дека  не треба да се крши инвентарот  каде што славите. Ако ви е мерак да кршите, скршете го мразот за во чаша виски !

7.БЛАЖЕНИ И  СРЕЌНИ НА 1 ЈАНУАРИ – Такви да бидеме цела година, ако ни се може !

Тоа се верувања во кои не мора да веруваме,  секој со своја приказна, но симболиката на новогодишната ноќ е во обновувањето на годината, на животот, на смислата за постоење. Разните обичаи ги влечат корените од  далечното минато, лудата ноќ се прославувала уште во древната Месопотамија, 2000 п.н.е. , а Римјаните  секоја година го менувале календарот со новиот владетел ( секоја владеење свое  календарување).  

Многу легенди  се преплетуваат околу китењето на елките,  како  легендата  за англискиот монах Св. Бонифас  кој при  едно патување  налетал на група  неверници  собрани околу стар даб да  жртвуваат дете.  Бонифас  го искорнал дабот, а на негово  место изникнала мала елка – дрво на животот кое  денеска се кити  низ целиот свет. Првиот стаклен новогодишен украс е произведен во Германија, 1830 година, под име „кугелс“ , а најдолгата прослава  ја имаат Кинезите кои ја слават Новата година дури 15 дена ( секако Кинезите си  работат  и слават во исто време ).

Данците имаат обичај да кршат стари чинии пред прагот на куќата, Италијанците го  исфрлаат стариот  мебел и покуќнината, Латиноамериканците  еуфорично купуваат   интимни алишта за најлудата ноќ. Бразилците својата новогодишна ноќ ја дочекуваат на плажа,  прескокнувајќи  седум бранови и фрлајќи цвеќиња во океанот,  а Шпанците на секое отчукување на часовникот јадат по едно зрно грозд… Секој со своите обичаи , традиции и културни навики како и со имињата на Дедо Мраз, некаде Папа Ноел, некаде Санта Клуз, а знае да се вика  и Божиќ Бата. Во 1824 година прв пат е илустриран во книгата на Клемент Мур, како дедо во црвена бунда и бела брада. За неговиот денешен изглед заслужен е  уметникот Хадон Сандблум,  кој 1931 година ќе го нацрта за потребите на рекламите  за кока- кола.

Како и да е, се ближи времето на  помислување желби, сонување соништа, остварување цели, правење списоци за подароци и новогодишна трпеза. Предновогодишната  еуфорија за некого е стрес и нервоза, сообраќаен метеж, шалтерски егзибиции, многу музика малку пари за  „свадбарски прослави“  , глумење лудило, а  сè е веќе полудено… На оние, погоре напишаните седум верувања, еве уште седум важни моменти како кондиционен тренинг  за спречување стрес:

1.Не брзајте, брзината е сојузник на стресот!

2.Одбегнувајте возење со автомобил, возење во сообраќаен метеж е стрес! Секаква асоцијација со советот на таткото на градот е само асоцијација .

3.Бегајте од  гужби, бучави, преполни продавници и нервозни касиерки !

4.Сработете ги работите полека, едно по едно, никако сè одеднаш – тоа е стрес !

5.Не трудете се да бидете најдобри во сè – невозможно е !

6.Не помислувајте да си ја смените телесната тежина непосредно пред лудата ноќ оти ќе полудите од  немоќта!

7.Изолирајте се од политика и од  сè што  се сервира  преку медиумите! Сервирајте  традиционална и домаќинска новогодишна трпеза, а  вечерта поминете ја скромно со најблиските, за да ја споделите и впиете љубовта .

Лудилото нека ни трае само за време на  „лудата ноќ“ – да влеземе во 2016 –та со здрав разум, ако го има макар и во облик на  мрвки под празната трпеза!

Да се радуваме на малите нешта, да пронајдеме уште сили во себе и  да ВОДИМЕ ЉУБОВ  со животот 2016 пати во Новата 2016-та!!! Почнуваме со одбројувањето на сите негативности од изминатата година, нека  останат зад нас…  А ако не ни се оствари ниту една желба – оставка за Дедо Мраз ;)

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Колумни

  • Читачка криза…

    Сѐ поблиску сме до неповратна загуба на читачката кондиција!

    Татјана Алексиќдекември 31, 2015
  • Вистината како стока…

    Има ли цена и драгоценост вистинската информација во вистинско време? Отсекогаш, вистинската информација е најдрагоцената стока во меѓучовечките односи важна за...

    Татјана Алексиќдекември 31, 2015
  • Љ-витамин, превенција за комплекси!

    Чувството на пониска вредност е отров кој перманентно не труе и не ни дозволува да им се противставиме на животните проблеми.

    Татјана Алексиќдекември 31, 2015
error: Содржината е заштитена со авторски права.