//
Следи нѐ
To Top

ПРЖИНО: Без консензус за избори на 24 април, ќе следат партиски консултации

Четирите партии не успеаја да постигнат консензус за избори на 24 април. Сепак, договорот од Пржино не е мртов и доколку сите партии останат посветени на него  можно е да се одржат фер и демократски избори согласно европските стандарди, оцени ноќеска еврокомесарот Јоханес Хан по завршувањето на заедничката средба со лидерите на партиите потписнички на договорот од Пржино.

– Сметам дека трите партии ќе се држат до овој договор. Но, очекувам сите партии да бидат посветени на овој договор бидејќи тој покрива многу елементи кои се важни за иднината на земјата, и затоа треба да продолжат да работат на него. Воедно, повторно ги уверувам сите дека евроспките институции ќе останата посветени да и помогнат на земјата. Затоа побарав од Ванхауте да остане и да продолжи со напорите за посредување во разговорите кога станува збор збор за ситуацијата со медиумите, рече Хан.

реклама

han

Тој увери дека доколку партиите се договорат за одржување предвремени избори, ќе бидат распоредени претставници на европските институции за мониторинг на подготовките за избори и на изборниот процес, како и на целата ситуација во земјата. Хан при тоа изјави дека во четвртокот разговарал со директорот на ОДИХР и со генералниот секретар на ОБСЕ и двајцата му потврдиле дека ако сите во земјата бидат посветени, можно е да се одржат фер, транспарентни и демократски избори согласно европските стандарди. Во овој контекст, потсети и на нивното заедничко соопштение оти веруваат во тоа доколку се преземат неопходните мерки, и ако Државната изборна комисија ги добие потребните средства за да ангажира персонал, за што, рече, од премиерот било предложено да се удвојат човечките ресури и опремата за да се гарантира квалитетот на изборите.

– Но, сега останува на политичките партии да донесат конечна одлука. Можам само да ги поттикнам сите да учествуваат во изборите. Постигнување е да се има слободни избори. Треба да се погрижиме овие избори да се спроведат на начин согласно нашите очекувања, односно стандарди и ако тоа е случај ги поттикнувам сите партии да земат учество со цел да се гарантира политичката ситуација, нагласи еврокомесарот Хан.

Тој потсети дека земјата е во многу тешка стратешка ситуација, бидејќи тука е и миграциска криза во Европа која продолжува и оти во многу европски земји постои растечка тенденција за затворање на границите, а тоа, вели, може веднаш да се одрази на ситуацијата тука во земјата. – Затоа верувам дека Владата, целата политичка елита, Парламентот треба да посветат неопходно внимание на оваа сериозна ситуација. Но, тука станува збор и за екононмската ситуација исто така и за европската и евроатлантската перспектива за што е потребна силна и одлучна Влада која ќе може да донесува одлуки, порача Хан.

Запрашан дали може да се гарантираат фер и демократски избори за 24 април, тој рече дека може само да увери дека ОДИХР за подготвителниот период на изборите ќе распореди 24 постајани набљудувачи, додека за изборите во земја како Турција  биле ангажирани 30 постојани набљудувачи.

За добра и функционална демократија потребни се функционална влада и силна опозиција, рече Хан запрашан дали ќе прифат избори без опозиција.

gruevski

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски нагласи дека на средбата три од партиите биле за да се договорат сите детали за целосно исполнување на договорот од Пржино и за одржување на предвремени парламентарни избори на веќе договорениот датум – 24 април, а само една партија, односно еден човек дошол со намера да се одложат изборите.

Прецизира дека не било прифатено од другите три политички партии барањето за одложување на изборите и додаде дека од утре ќе прават пошироки партиски и општествени консултации за тоа кои ќе бидат нивните следни чекори.

– Комесарот Хан на денешните состаноци јасно ни кажа дека претседателот на ДИК го известил дека  не постојат никакви пречки за одржување на изборите на 24 април. Исто така, не информираше дека од ОБСЕ го известиле дека не постојат пречки за одржување на изборите на 24 април. ОДИХР исто го информирале дека нема пречки и дека има време се да се подготви за изборите да се одржат на 24 април. Само еден човек се обидува да ја продолжи кризата во Република Македонија и да ја продлабочи затоа што со неговото однесување не само што не може да се реши, туку може да се продлабочи кризата, изјави Груевски.

Тој човек, нагласи, дојде на преговорите со барање и инсистирање да се одложат изборите.

– Денеска  не се зборуваше за никави детали околу изборите, а не се зборуваше ни за Законот за медиуми, ниту, пак, за методологијата  за прочистување на избирачките списоци, бидејќи Зоран Заев не сакаше за тоа да се зборува. Тој инсистираше да се прифати од страна на сите политички партии дека е добро да се одложат изборите. Ни потроши повеќе од 12 часови за цело  време да бара, да моли, да убедува и да инсистира да нема избори на 24 април, посочи Груевски.

Рече дека им е јасно оти тоа го прави зошто ќе ги изгуби изборите и додаде дека тоа е неприфатливо и крајно неодговорно однесување.

– Со потезите што ги прави тој всушност сака да ја внесе државата  во уште поголема политичка криза и проблеми и да имаме продолжена агонија која не е од интерес на никого во Република Македонија. Неговите зборови денеска беа поврзани само со одложување на изборите на 24 април без никакви сериозни аргументи. Тој знае дека методологијата за избирачките списоци и самото нивно прочистување е работа која може да се заврши за неколку дена, а добро знае и дека она што го бара во Законот за медиуми го нема никаде во Европа и дека тоа не може да му биде поддржано од никого. Но, го бара со цел да има причина да ги одложи изборите, бидејќи само во криза е актуелен и верува дека тоа ќе му донесе политички поени, но само губи политички поени и неговата поддршка од народот секојдневно опаѓа, потенцира Груевски.

Сега се знае, додаде, дека за свои лични интереси Заев се обидува да ја продолжи кризата на сите граѓани во Македонија и сите да страдаат заради тоа што тој има некаков личен интерес.

Zaev Przino

Лидерот на СДСМ Зоран Заев по завршувањето на средбата изјави дека преговорите пропаднале и дека СДСМ нема да учествува на избори ако се одржат на 24 април.

– За нас не се прифатливи избори без навремена регулација на медиумите и без навремено прочистување на Избирачкиот список. Ако се одржат избори на 24 април ние нема да учествуваме, а ќе продолжиме да се бориме за фер, регуларни и демократски услови за одржување на избори, рече Заев.

taci

Лидерот на ДУИ, пак, Али Ахмети нагласи дека тие побарале да се почитува договорот од јуни и јули и сите досегашни достигнување, како и да се постават државните интереси над партиските.

– Сите страни имаа разлики и за жал не постигнавме согласност во однос на датумот на изборите. Три политички партии се согласија за договорот и крајно почитување на договореното, а една од партиите не се согласуваше со датумот на изборите, изјави Ахмети.

Тој додаде дека смета оти за датумот на изборите треба да се постигне консензус и посочи дека во следните денови ќе се продолжи со преговори и разговори за да се постигне согласност.

– Сметам дека сите заедно треба да делуваме. Треба да ги ставме државните над партиските интереси и да  направиме напор за консензуално решение. Очекуваме во следните неколку денови да рефлектираат сите страни и да преземат ангажмани и одговорност истовремено, потенцира Ахмети.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи прв ја напушти средбата, но не даде изјава за медиумите. Тој порано дента, пред средбата посочи дека остануваат на ставот закажаните предвремени избори не треба да се одложуваат.

haute

Олеснувачот во преговорите Питер Ванхауте рече дека во неделите што следат ќе продолжат да работат особено на итните приоритети како прашањето за медиумите.

– Ќе направиме се за да се постигне договор за овие прашања, а од блиску ќе следиме и што ќе се случи со изборите. Сакаме да бидеме сигурни дека доколку дојде до избори тие ќе бидат спроведени на најсоодветен начин, рече Ванхауте.

Прашан дали е можно да се оди на избори без опозиција, рече дека ќе почекаат да видат што ќе направи опозицијата во наредните неколку дена.

– Ќе разговараме со опозицијата и ќе видиме како ќе се одвива ситуацијата во неделите што следат, рече Ванхауте.

Претходно, во текот на денот Хан имаше одвоени средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи. На заедничката средба со партиските лидери присуствуваа и евроамбасадорот Аиво Орав и амбасадорот на САД Џес Бејли.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: