//
Следи нѐ
To Top

ФОТОГАЛЕРИЈА: Во Скопје прославена кинеската Нова година

Со музичко-сценски настап на кинески уметници и традиционални изведби, синоќа во Македонскиот народен театар во Скопје беше прославена претстојната кинеска Нова година – Година на мајмунот.

Според лунарниот календар, кинеската Нова 4714 година почнува на 8 февруари, а ќе трае до 27 јануари 2017. Прославата вообичаено почнува ден пред Нова година, а завршува по 15 дена со Фестивалот на светлината кога според традицијата кон небото се пуштаат црвени лампиони.

реклама

Овој празник се слави во континентална Кина, на Тајван, на Корејскиот Полуостров и во Виетнам, како и во некои од поголемите градови во Европа и во САД каде што живее бројна кинеска зеедница.

133017085 133017076 133017081 133017087 133017088 133017093
<
>

Кинескиот календар датира од околу 2600 година п.н.е и е базиран на астрономски набљудувања на движењето на Месечината и на Сонцето. Кинеската лунарна година е составена од 12 месеци по 29,5 дена и за да ја следи природната соларна година на секои две и пол години се додава по уште еден месец, поради што кинеската Нова година секогаш се прославува на различен датум. Времето според кинескиот календар се смета во циклуси од по 12 години од која секоја носи име на животно.

Според легендата, Буда пред да замине од Земјата ги викнал сите животни за да се прости. Само 12 животни дошле да го поздрават, за што тој како награда им посветил по една година. Првата година ја нарекол според стаорецот кој прв дошол да се поздрави, втората по волот, а по нив следуваат тигарот, зајакот, змевот, змијата, коњот, козата, мајмунот, петелот, кучето и свињата.

Деновиве Кинезите ја испраќаат старата година која беше во знакот на козата, а ја пречекуваат Новата година – Година на мајмунот. Следната Година на мајмунот, според кинескиот календар, ќе биде во 2028 година.

Кинеската Нова година, позната и како Пролетен фестивал, почнува на денот на првото годишно раѓање на новата Месечина, што во Грегоријанската 2016 година е 8 февруари. Прославата традиционално е проследена со религиозни церемонии во кои им се одава почит на Земјата и на Небото, на домашните богови и на предците.

Новата година Кинезите ја пречекуваат на семејна трпеза. Целата куќа мора да биде исчистена пред новогодишните празници, кога од домот се отстрануваат сите метли, четки и други средства за чистење. Чистењето за време на Новата година се избегнува поради верувањето дека со тоа ќе биде исчистена среќата на семејството. Пред Новата година треба да бидат исплатени старите долгови, а на самиот ден ниту се бара, ниту се дава заем. Секој се труди да не изговори лоши зборови поради верувањето дека тоа носи лоша среќа, а спомнувањето на смртта или на духовите е табу. Кинезите веруваат дека ако некој плаче за Нова година, ќе плаче цела година, и затоа на новогодишната ноќ децата се толерираат максимално.

Огнометите се традиција во прославувањето на Новогодишната ноќ, кога, според кинеските обичаи, вратите и прозоците треба да се остават отворени за старата година да може да си замине.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: