Следи нѐ
To Top

ТАТЈАНА АЛЕКСИЌ: Уметност на пишување љубовни писма

Им се може ли на „емотиконите“  да ги  заменат емоциите излеани во љубовни  зборови, синтагми, реченици,  во љубовни изјави срочени во стихови или проза, а орочени на вечност?

Му се може ли на едно „копи пејст“ репродуцирано „смајли“  со срца наместо очи, што по „дифолт“ му го праќаш на фб пријател без разлика на пол или возраст ( сакајќи на брзина да му изразиш љубов за тоа што го прави)  да добие значење на вистинска љубов? Има ли уште пишувачи на љубовни писма,  па нека се и електронски? Како одговор,  собрани податоци од богатите  љубовни биографии на познати писатели од минатото, оти тајната на љубовните писма се открива постхумно, во вечноста. Во име на љубовта и со љубов за љубовните писма…

Дворските дами од минатото  знаеле да ги вреднуваат своите љубовни писма повеќе од накитот и често изјавувале  дека во случај на пожар прво би ги спасиле  љубовните писма,  а не накитот , кој секогаш може да се набави…

Францускиот писател Виктор Иго,  за љубовните писма од актерката Жилиет Дру , негова љубовница до смрт,  напишал дека се негова ризница, нишка бисери и вистинското богатство. „Во нив е нашиот живот, ден за ден, мисла по мисла, сè што си сонувала и пропатила  е запишано во нив, тие се волшебни огледала каде ја гледам твојата прекрасна душа“. Но во момент на бес  (поради  бескрајна љубомора на Иго), Жилиет често ги  фрлала писмата во оган, на што  лутиот, но вечно вљубен писател и одговорил : „ Ги изгоре моите писма но не и мојата љубов, таа е сочувана во мојата  душа, иста како првиот ден.  Во нив е целото мое срце, нешто највистинито што сум го напишал во животот, нешто најсилно, тие се мојата душа, моја крв, мојот живот и смислата на овие шест месеци. Еден мој погрешно разбран збор и ти ги уништи писмата, твојата длабока бразда во мојот живот! Душо моја единствена, ангелу мој, те разбирам и сакам, ти ја бакнувам убавата душа на убавото чело. Виктор“. Нивната  љубов траела педесет години, а по смртта на актерката  пронајдени се 20 000 писма на славниот писател.

Да се заљубиш значи да се пуштиш во авантура, во состојба на „лудило“ која не тера  да правиме работи непоимливи во  нормална состојба. Не води нагон различен од сите други и тогаш сме креатори на љубовни изјави, често смешни, невообичаени, смотани но и оригинални. Опиени од љубовта сакаме да оставаме траги во име на љубовта, па не знаејќи што да напишеме , пишуваме сешто. Енциклопедистот и големиот философ, Жан Жак Русо ,  го напишал рецептот за љубовно писмо и филозофирал : „ мораме да почнеме , а не знаеме  што сакаме да кажеме, и да го завршиме, а не знаеме што сме напишале“. Тоа е емотивниот монологот на секој автор на едно  искрено љубовно писмо!

Винстон Черчил, мудриот државник, своите љубовни писма на саканата Клементина ги почнувал со „Злато мое“ , а нобеловецот Андриќ на Милица  „ Мила моја„  ,  а таа нему „Мандарине мој “ .

Ирскиот писател Џејмс Џојс, татко на модерниот роман, бил страсно вљубен во црвенокосата  Нора со сини очи, а своето прво љубовно писмо го напишал кога саканата го „извисила“ на првиот состанок : „ Драга моја Нора, седам во фотелја како будала , зашто сум неспособен било што да работам. Го слушам само твојот глас и ничиј друг. Денес навредив стари  пријатели не можејќи  да  им го слушам разговорот, сакам само тебе да те слушам, луд сум по тебе. Кога сум со тебе ја менувам мојата сомнителна и љубоморна природа, сакам главата да ти е на моето раме. Ти го пишувам ова писмо веќе половина час, ќе ми напишеш ли и ти нешто? “ (август, 1904).

Во љубовта нема правила, не важат ниту фрази ниту максими, па ни мудрости како „далеку од очи -далеку од срце“. Доказ е плодниот и брз во пишување Оноре де Балзак, претставник на францускиот реализам и голем љубовџија. Сепак, колку и да си голем, срцето може само на една да  ѝ го довериш, а Балзак тоа го направил со полската грофица, Евелина Ханска, со која  17 години ја одржувал љубовта преку писма ( многу ретко се гледале за тоа време). Кога грофицата станала вдовица писателот ја оженил и среќен умрел во нејзината прегратка. На човештвото и го оставил циклусот од 100 романи и раскази под наслов „Човечка комедија“ , а на грофицата бескрајно многу љубовни писма , долги колку и вечноста на неговите зборови: „ Ох колку те сакам, со каков мевлем ме облива твојата љубов. Нема болки кога си крај мене, ти си мојата сила, се будам среќен што те сакам, заспивам среќен зашто сум сакан “…

Истата судбина на љубов на далечина ја имал и Чехов, мајстор на кусиот расказ и остар критичар на  власта. Околу 1000 писма и напишал на актерката Олга  Книпер која при крај на животот ќе му стане жена. Младата актерка  го сакала писателот но и актерството,  Чехов бил свесен за тоа , па еднаш и напишал : „ Ние страшно грешиме што не живееме заедно. Но не вреди да се зборува за тоа!Знаев дека се женам со глумица“. Набргу Чехов умира во Ница, барајќи спас за болеста, во рацете на саканата која ќе продолжи да му пишува и по смртта : „ Чудно е што ти пишувам, но го сакам тоа, безумно го сакам… дур ти пишувам мислам дека си жив и ги чекаш моите писма .“

За оние кои не веруваат дека љубовта се случува кога најмалку се очекува, доказ е американскиот писател Хенри Милер, опасен  заводник и на своите 87 години!  По тешката операција не  ќе може да пишува, црта и чита како некогаш, но ќе може да ужива во љубовта на актерката Лоренс Дарел која ќе го дарува со живот вдахнувајќи му љубов! Последното писмо ќе  ѝ го напише пред смртта : …„ Му припаѓаме на универзумот, обајцата сме благословени од sвездите, ние не сме како остатокот од светот… Никогаш, ставајќи раце околу струкот на  другите жени, не сум почувствувал ежење како со твоето цврсто тело, како погоден од гром…“ А кој не би, од млада полу Индијанка ?

Францускиот поет Пол Елиар, до смртта бил вљубен во  балерината   Гала, муза на Салвадор Дали,  со кого била во официјална врска. Поетот не ја криел својата  недостижна љубов ,  пронајдени се 272 писма кои сведочат за неговата голема љубов и грижа за Гала : „ Моја убавице…Без љубов сè  е залудно, изгубено, гнасно,отровно…Нема живот, постои само љубов…Бескрајно те сакам, не верувам во животот, верувам само во тебе. Јас сум во твоите раце, во твоите очи, твоите гради и помеѓу твоите нозе – тука е моето место “.

И така бескрајно многу љубовни писма во име на љубовта, бескрајни колку и љубовта… Завршувам со наш Рацин, основоположникот на македонската современа поезија, современ и во своите сфаќања за љубовта, поголем од сите горе наведени „ фраери“ оти сакал и се викал како саканите, Рацин од Рахилка, Невен Пејко од Пејкова, а им пишувал љубовни писма и на Магдалена, Даница, Невенка… А под какви услови пишувал и љубел?

Е тоа е УМЕТНОСТ НА ПИШУВАЊЕ ЉУБОВНИ ПИСМА , достојни за почит!

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Колумни

  • Читачка криза…

    Сѐ поблиску сме до неповратна загуба на читачката кондиција!

    Татјана Алексиќфевруари 10, 2016
  • Вистината како стока…

    Има ли цена и драгоценост вистинската информација во вистинско време? Отсекогаш, вистинската информација е најдрагоцената стока во меѓучовечките односи важна за...

    Татјана Алексиќфевруари 10, 2016
  • Љ-витамин, превенција за комплекси!

    Чувството на пониска вредност е отров кој перманентно не труе и не ни дозволува да им се противставиме на животните проблеми.

    Татјана Алексиќфевруари 10, 2016
error: Содржината е заштитена со авторски права.