Следи нѐ
To Top

Свети Трифун и(ли) Валентин?

Трифун не бил пијаница, а Валентин не бил советник на вљубените

На 14 февруари, според новиот календар, или први февруари, според стариот, кој се уште е во официјална употреба во Македонската православна црква, верниците го празнуваат светиот маченик Трифун. Истиот ден, верниците од католичка вероисповед, како незадолжителен празник, го слават Денот на Свети Валентин, но и многу други луѓе во разни земји низ светот.

„Свети Трифун се празнува на 1. сечко, според стариот или на 14 февруари според новиот календар. Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црква каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода, за која се верувало дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и дека има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата, при што го изведувале и обредното закројување“ – пишува д-р Марко Китевски во книгата „Македонски празници“.

Одбележувањето на Денот на Свети Валентин, Валентиново или Денот на вљубените, како што уште се нарекува, најверојатно датира уште од времето на старите Римјани и се поврзува со прославувањето на денот на нивниот бог Луперциј. Во раната историја на Рим, во време кога Римјаните тукушто почнале да се населуваат, крволочни волци лутале по блиските шуми. Римјаните барале заштита и го молеле Лупрециј, еден од нивните богови, да ги заштити, па во негова чест, во времето кога го имале како свој заштитник, тие почнале да одржуваат фешта што се одржувала на 15 февруари. Еден од обичаите на тогашните млади било испишување на имиња. Имено, во пресрет на денот на Луперциј, имињата на римските девојки биле запишувани на ливчиња хартија и биле оставани во стаклен сад, секое момче требало да извлече по едно ливче. Девојката што ќе ја извлекло момчето станувала негова „драга“ за таа година. Подоцна тој ден бил наречен Валентиново, по римскиот свештеник Валентин.

Се до 1969 година денот на Свети Валентин се славел на 14 февруари, како спомен. Потоа, Денот е избришан од католичкиот календар, т.е. станал незадолжителен споменден, заради намерата за намалување на бројот на спомени на светци за кои нема доволно точни податоци.

102181695

Голема верба во Христа

Помеѓу судбините на двајцата маченици и христијански светци има сличности, пред се во нивната голема верба во Бога и неоткажувањето од христијанството, по која било цена. И по цена на измачување и смртни закани. И способноста што ја поседувале – да лекуваат луѓе.

Според М. Недељковиќ, Светиот маченик Трифун живеел во третиот век, а роден е во Кампсада, во Фригија. Неговите родители биле побожни луѓе и нивната побожност му ја пренеле и на нивниот син. Во својот живот Трифин се занимавал со домашна економија и со одгледување на гуски, но бидејќи бил предаден на Христа и неговата вера, Бог го обдарил со чудотворство, па тој со молитви лечел многу луѓе од разни болести.

Меѓу другите, се вели дека Трифун со својата исцелителна моќ ја излекувал и Гордијана, ќерката на римскиот цар Гордијан, која страдала од некои душевни болести од кои ниту еден лекар не можел да ја излечи. Заради тоа царот богато го наградил, а тој, пак, сите дарови ги раздал на сиромашните. За време на римскиот цар Децие, Трифун претрпел страшно мачење и на крајот умрел. Обласниот римски царски намесник, кој што управувал во провинцијата во која живеел Трифун, кога разбрал дека Трифун со верата во Христа и со молитви лечи болни и прави чудотворства, наредил да го доведат кај него.
Кога Трифун бил доведен кај него тој почнал да го убедува да се откаже од Христовата вера и да им принесе жртви на римските богови. Но, тој одбил. Аквилин, како што се викал намесникот, заповедал Трифун да го заврзат за опашката на коњ, а јавачот го јавнал коњот и го спотерал во силен кас. Коњот јурел и зад себе го влечел Трифуна, кој бос трчал преку трњето и камењата, така што му отпаднала кожата од табаните и секаде оставал крвави траги. Бил подложен и на други маки, па кога сето тоа не помогнало да се откаже од својата вера, Аквилин му изрекол осуда да биде погубен.

Војниците го зграпчиле Трифуна и го повеле надвор од градот, на местото на погубувањето, за да му ја пресечат главата. Трифун по патот цело време му се молел на бога да ја прими неговата душа во негови раце и кога пристигнале до губилиштето, пред џелатот да замавне за да му ја пресече главата, Трифун измачен паднал на земјата и починал. Тоа било на 1 февруари 248 година. Имал 21 година.

Свети Трифун се смета за заштитник на полските посеви и затоа винарите го слават како свој патрон и на неговиот ден одат на лозјата, ги закројуваат лозите и ги залеваат со вино, за да му ја вратат малаксаната снага на лозјето, по долгото зимско мртвило и за бујно да напредува во пролетта што наидува. Го слават и крчмарите, а тој е заштитник и на некои градови како на пример на градот Котор на црногорското приморје.

102181658

Денот на љубовта го вовела ќерката на англискиот крал Хенри четврти

Во времето, пак, кога христијанството претставувало една сосема нова религија, император во Рим бил Клаудиј втори, кој на римските војници им забранил да се женат. Тој сметал дека женетите војници не би можеле да се посветат на војничките задачи и на битките, бидејки ќе се посветувале на семејството. Валентин во тоа време му се спротивставувал на Императорот и тајно склучувал бракови на младите двојки. Поради тоа бил уапсен, затворен, а подоцна и осуден на смрт. На Валентин, според едни извори, му била пресечена главата на 14 февруари, ден пред фестивалот на Лупрециј. По смртта, свештеникот Валентин бил прогласен за светец.

Како што Рим се повеќе се христијанизирал, празнувањето во чест на Лупрециј, свештениците го преместиле на 14 февруари и го нарекле Ден на Свети Валентин, Валентиново, а подоцна бил наречен и Ден на вљубените.

Во делови од светот на 14 февруари се одбележува Валентиново, ден на љубовта и пријателството. Многумина на Денот на Свети Валентин изразуваат љубов, предаденост и почитување на личностите што ги сакаат. Ваквиот обичај го вовела ќерката на англискиот крал Хенри IV во 17. век, а подоцна од Англија се проширил низ целиот свет.

Валентиновата историја, сепак, не е точно позната, како што не се знае ниту по кој од тројцата христијански маченици со име Валентин бил наречен празникот. Тој празник се славел во времето на папата Гргур Велики. Луѓето го повикувале на помош за очни болести, падавица и друго уште од раниот среден век.

Некои, пак, Валентиново го поврзуваат со староримските обреди посветени на плодноста и гоштевањето на Јунона, божицата на жените и бракот, на 14 февруари, а има и такви кои го поврзуваат со парењето на птиците во пролет.

Обичај е на Денот на Свети Валентин вљубените да разменуваат честитки и подароци. Некои на тој ден на саканата личност и подаруваат цвеќе, чоколадо или излегуваат на заедничка вечера, а некои заминуват на романтично патување. Други, пак, во подарените рози, парфеми и чоколади со форма на срце, гледаат непотребен израз на сентименталност.

Со општествено-политичките промени во Македонија, по нејзиното осамостојување, се случија и промени во одбележувањето на празникот Свети Труфун. Најпрвин медиумите почнаа слободно да информираат за празнувањето и обичаите што притоа се изведуваат, пред се во регионите со лозови насади. Тоа придонесе и за поширока афирмација на светиот маченик Трифун и народните обичаи поврзани со неговото чествување.

102181676

Да се празнува со пијанство е далеку од мачеништвото на Трифун

Да се празнува за мачеништвото, да му се укаже слава и похалба на Светецот е за почит. Но, да се става во прв план пијанството, конзумирањето алкохол, да се прават карневали и фешти, понекогаш и со развратничко однесување, секако е далеку од битисувањето на светиот маченик Трифун, кој својот млад живот го жртвувал зачувувајќи ја верата во Бога. И од него и од христијанската вера.

Според принципите на потрошувачкото општество, својата шанса за зголемување на продажбата на своите производи ја исползуваа винариите и други производители на алкохол, притоа користејќи го празникот Свети Трифун. Така започнаа да се организираат разни манифестации од фестивалски карактер поврзани со виното и поезијата, виното и уметноста воопшто, виното и музиката и слично. Во кавадаречкиот крај, познат вински крај во Македонија, на Свети Трифун беше реафирмирана карневалската манифестација, што имала долга традиција во минатото.

Ваквите, во основа туристичко-угостителски манифестации од комерцијален тип, се поддржувани и од собранијата на општините каде што се одржуваат, со цел да се привлечат туристи и манифестациите да се искористат за афирмација и туристичка пропаганда на одредени подрачја и региони. Беа вклучени уметници и естрадни ѕвезди за популаризација на манифестациите, а набргу тука се најдоа и политичарите.

Многу угостителски локали по повод Свети Трифун организираат сопствени забави. Притоа, јасно е, целта е првенствено комерцијална, да остварат заработувачка, користејќи го празникот, а почитта кон големиот христијански светец паѓа во втор план.

102181621

Вино и љубов

Последниве години вообичаено ваквите манифестации претставуваат спој на двата празника Свети Трифун и Свети Валентин.

Евидентно е дека се повеќе македонски граѓани, покрај Свети Трифун го празнуваат и Свети Валентин, како Ден на вљубените, особено помладата популација. Во телевизиските анкети со граѓани што се емитуваат по повод прославата на Свети Трифун и Свети Валентин, се повеќе анкетирани се изјаснуваат дека ги празнуваат и двата празника, но ретки се меѓу нив такви кои знаат нешто за едниот или другиот светец.

И нашите продавници, како и на многу други места во светот, се исполнети со производи специјално наменети за Денот на вљубените, црвени срца со разни натписи, при што доминира текстот:„Те сакам“, чоколадни производи во вид на срце, во црвена пакувка, разни цветни аранжмани и слично. Се со цел да се предизвика потрошувачка еуфорија и да се оствари профит.

Според Дон Живко Кустиќ, Свети Валентин, како заштитник на вљубените двојки, почнале да го слават дури во 15 век. „Царот Клаудие втори би се зачудил што денешниот свет го празнува Св. Валентин како заштитник на љубовта меѓу момчињата и девојките, мажите и жените. На судењето во Рим во 269 година, кога светецот бил осуден на смрт не станувало збор за љубов, туку за Исус Христос. Ниту за време на животот Валентин не бил советник на вљубените двојки.“

По 15 век кога Валентин почнале да го слават како заштитник на вљубените двојки, празнувањето најпрвин се проширило во христијанските земји, а во поново време и низ целокупното човештво. Празникот е во време на покладните свечености, кога токму вљубувањето е посебно важно.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Колумни

  • Читачка криза…

    Сѐ поблиску сме до неповратна загуба на читачката кондиција!

    Татјана Алексиќфевруари 14, 2016
  • Вистината како стока…

    Има ли цена и драгоценост вистинската информација во вистинско време? Отсекогаш, вистинската информација е најдрагоцената стока во меѓучовечките односи важна за...

    Татјана Алексиќфевруари 14, 2016
  • Љ-витамин, превенција за комплекси!

    Чувството на пониска вредност е отров кој перманентно не труе и не ни дозволува да им се противставиме на животните проблеми.

    Татјана Алексиќфевруари 14, 2016
error: Содржината е заштитена со авторски права.