//
Следи нѐ
To Top

17 километри долга мартинка ќе биде изложена во Скопје Сити мол

Мартинка од Гинисовата книга на рекорди ќе биде изложена на 1 март во Скопје Сити мол, во рамки на меѓународниот проект за културните обичаи на Балканот „Среќна Баба Марта 2016“.

Како што истакна за МИА Василка Димитровска од ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата, мартинката е долга 17 километри, а ја направиле жители на бугарскиот град Видин во 2015 година.

реклама

– Најдолгата мартинка којашто се запиша во Гинисовата книга на рекорди, беше направена од многу граѓани на 1 март 2015 година, на плоштадот во градот Видин во Бугарија. Мартинката долга 17 км е дел од поставката во Етнографскиот музеј на Видин, а нејзиното изложување во Скопје е поттик за најмладите да се запознаат со Денот на Баба Марта и заедничката традицијата која спојува повеќе балкански држави, истакна Димитровска.

Проектот е составен од патувачка изложба со панели, изложба на оригинални рачно изработени амајлии од Македонија, Бугарија и Романија, проекција на документарни филмови, продажна галерија со ракотворби и креативни работилници. Официјалното отворање на изложбата ќе биде на 1 март 2016 во Сити мол во Скопје, потоа на 11 март во Видин (Бугарија), на 15 март во Бузау (Романија) итн. Подготовките за овој настан во Скопје се во завршна фаза.

– Секој од партнерите во овој проект изработува рачно правени мартинки типични за сопствената држава кои се третираат како артефакти во рамките на изложбата. Изработени се панели на повеќе јазици со објаснување на обичаите поврзани со Денот на Баба Марта, како и повеќејазичен печатен каталог. Исто така, според протоколот секој партнер во сопствената држава е задолжен да изработи и сподели промотивен материјал за настанот. Сите матријали кои ќе ги изработи секој од партнерите ќе бидат приложени кон досието во УНЕСКО при апликацијата за мартинките да бидат прогласени како светско нематеријално културно наследство, рече Димитровска.

Димитровска уште еднаш потсетува на обичајот поврзан со првиот ден на месецот март кој обединува повеќе делови од Балканот, како Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија.

– На овој ден се подаруваат рачно направени амајлиии направени од црвен и бел конец. Овие амајлии се познати под многу имиња како: мартинки (Македонија), мартеница (Бугарија), мартишор во Романија и Моладавија. Се подаруваат на најблиските со позитивна порака и најчесто се носат на рака како белегзија или закачени на облеката, се додека не расцвета првото дрво или додека не се види првиот штрк/ластовица, кога мартинката најчесто се става под бел камен или пак се закачува на гранка од дрво. Оваа традиција, за која се верува дека има предхристијанско потекло, во себе носи различни верувања пред сé поврзани со заштитата и магијата на црвената и бела боја кои претставуваат здравје и прочистување, но и со одбележувањето на доаѓањето на пролетта и првиот ден од аграрната нова година. Кај нас овој обичај уште се чува во Источна Македонија, посебно во Пијанец, истакна Димитровска.

Проектот за културните обичаи на Балканот е организиран во рамките на институционалната прекугранично партнерство „Националните идентитети во рамките на обединета Европа” коешто беше потпишано во Видин (Бугарија) во октомври 2015 година од страна на ХАЕМУС – центар за научно истражување и промоција на културата (Скопје, Македонија), Регионалната библиотека „Михалаки Георгиев” (Видин, Бугарија), Регионалниот музеј Бузау (Бузау, Романија) и Бибилотека Центар за култура (Кладово, Србија).

Од 2013 година обичајот Денот на Баба Марта под работно име „Културни обичаи поврзани со 1 март” преку мултинационалната апликација од страна на Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија е предложен да се постави на листата на светско нематеријално наследство на УНЕСКО. Македонскиот дел од апликацијата меѓу другото се темели и на поддршката која во писмена форма ја даде тимот на ХАЕМУС.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Занимливости

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: