Следи нѐ
To Top

Три дами и маскенбал за старт на Моден викенд Скопје 13 (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Ревиите на дизајнерките Росица Мршиќ, Олгица Ѓоргиева и Силвија Михајловска го одбележаа првиот ден на тринаесеттиот Моден викенд Скопје кој се одржува во салонот „Порше Македонија“ од 1 до 3 април. На истата локација по ревиите се одржа и забава под маски на која посетителите се забавуваа со хитовите од осумдесеттите години.

Сезоната пролет/лето 2016 година која се одвива под мотото „Да живеат осумдесеттите!“ ја отвори ревијатa на Росица Мршиќ со колекција инспирирана од женските ликови на Модилјани. Мршиќ го користи својот „карактеристичен вокабулар“ и во секое парче од колекцијата внесува силен индивидуален стил. Линиите се мазни и смирени во форма на синусоиди со кои таа ја завиткува женската фигура за да постигне женствена заобленост. Колекцијата беше надополнета со чевли од бутикот „VIA“.

Дизајнерката Олгица Ѓоргиева ја претстави колекцијата за актуелната сезона наречена „Senses“, чиста, минималистичка линија разиграна од колоритни елементи прикажани на специфичен начин.

Станува збор за секојдневни парчиња, свечени тоалети и венчаница а доминантни се црвената, белата, зелената и црната боја.

<
>

За крај на првата модна вечер ја видовме Силвија Михајловска (модно ателје Алшар) со колекцијата „Sakura (In)Fusion“, надополнета со рачно изработен накит од Елена Ристовска и поддржана од „Скопско Чреша“. Михајловска која дизајнира долги години за прв пат се претстави на Моден викенд Скопје, инспирирана од еден необичен и уникатен спој на пиво и цреша, каде белата флуидност и леснотија на пената се спојуваат со црвеното тело на пивото, а во исто време и од трансформацијата на белиот цвет на црешата во црвен плод – своевидна симболика на трансформација од невиност во сензуалност.

За шминката на манекенките се погрижи официјалниот мејкап партнер „Golden Rose“ во соработка со Зоран Шурбевски и неговиот тим а за фризурите „Lakme“ во соработка со Едукативниот центар „Кариера Плус“.

Во рамките на Моден викенд Скопје можат да се видат и „Fashion&Friends“ кои презентираат инсталација наречена „Fashion Herbarium“ во која впечатливите парчиња од тексас и модните додатоци се прикажани во форма на моден хербариум испреплетени со природни елементи – дрво, зеленило и цветови. Јагода Пачемска од арт-студиото за цвеќе „Фа-Бу“ изложи ексклузивен фустан изработен исклучиво од свежо цвеќе. Во текот на тридневното случување ќе биде изложен и накитот на „Farina’s handmade“.

Вечерва, на 2 април, ќе видиме групна ревија на студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет на РМ кој годинава слави петнаесет години од своето постоење. За прв пат на настанот ќе се претстави дизајнерката Тијана Младеновиќ од Србија, која доаѓа преку соработката на Моден викенд Скопје со српската модна организација „БАФЕ“.

Следуваат ревиите на модната куќа „Линеа“ и брендот „Elezi Paris“ а за крај на втората вечер ќе ја видиме колекцијата на Ирина Тошева поддржана од „My:Time“ и Министерството за култура на РМ.

Модната новинарка Снежана Јаначкоска Богдановска – Сани ќе ја презентира својата прва книга „Моите стории – мојот LIFE“ која наскоро ја очекува и голема официјална промоција.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.