//
Следи нѐ
To Top

Српските медиуми тврдат дека лебот Тонус лажно се рекламира, се чека реакцијата на македонските органи

Лебот Тонус со сѐ поголем замав почна да се рекламира и во Македонија. Токму овој леб во последните месеци е мета на голем број на критики од страна на српските медиуми, дел од нутриционистите и лекарите, како и од пошироката заедница, пренесува порталот Мкд.мк.

Првичните контроверзи почнаа со откривањето од страна на српските медиуми дека Тонус лажно се промовира како производ одобрен со лиценца од Руската академија на науки. Тврдењето, кое беше интегрален дел на сите промотивни кампањи на лебот, а беше вклучено и на самата амбалажа на Тонус, со само еден повик кон Руската академија беше демантирано, по што се крена голема прашина во српските медиуми, како и на социјалните мрежи.

реклама

Српски Телеграф ја пренесува изјавата на новосадската пазарна инспекција, каде е наведено дека „тврдењето дека лебот Тонус е направен по лиценца на Руската академија на науки е невистинит и ќе биде поднесено барање до прекршочниот суд, за прекршок на членот 4 од Законот за огласување”.

Дополнително, од Министерството за трговија е наведено дека Тривит – компанијата која го произведува овој леб не поднела жалба на оваа одлука и ја отстранило огласната порака од амбалажата и телевизиските реклами.

Од компанијата за српски Телеграф изјавиле дека станува збор за забуна и дека лицето кое го креирало лебот е навистина човек кој е истакнат руски академик. Сепак, српската јавност не е убедена во ова и јавно повикуваа на бојкот на производот и најстрога казна за производител на прехранбен производ кој си дозволува лажно да се рекламира.

Пријавата за Тонус доаѓа од позната српска блогерка, која на својот блог споделува приказна за бабата на својата пријателка, која престанала да го пие издадениот лек за регулирање на зголеменото ниво на шеќер во крвта и почнува да го користи овој леб како замена за лекарствата. Сфаќајќи дека ова значи дека постојат луѓе кои слепо веруваат во рекламите на производителите, решила да провери дали навистина Тонус ги поседува сите квалитети како што тврди, а пазарната инспекција ги потврдила нејзините сомневања.

mkd-253689[1]

Српски Блиц, во интервју со позната српска нутриционистка, ја пренесува нејзината изјава дека овој леб не може да лечи и дека треба да се регулира и контролира начинот на кој овие производи се рекламираат. Според неа, овој леб, ниту кој било друг леб, нема ефект како лековите, со што потрошувачите се доведуваат во заблуда и дури и да ги содржи Тонус овие својства кои се наведени, неговите лековити материи се во исклучително мали количини кои немаат никаков ефект. Дополнително, таа ги повикува релевантните институции да го проверат составот на лебот и дали навистина тој ги содржи сите тие корисни состојки наведени на амбалажата.

Во Македонија граѓаните започнаа сѐ повеќе да се интересираат за Тонус лебот, несвесни за контроверзиите кои постојано го пратат овој леб.

Во најмала рака, македонските институции треба да направат инспекција на производот, со цел да се утврди дали тврдењата за лековитите својства се точни или не.

Еве што пишува во рекламните материјали за лебот Тонус за македонскиот пазар:

„Експерименталните истражувања, спроведени на Институтот за биофизика во одделението во Сибир и во рамките на Руската академија на науките, врз основа на влезот на несмртоносната доза на phenylhydrazine и натриум нитрит (многу канцерогени супстанции) кај животните, докажано е антитоксичното делување на Тонус лебот .

Овие животни се хранеле со Тонус лебот и како резултат на тоа докажано е дека Тонус лебот ги блокира отровите и канцерогените материи и го забрзува нивното излачување од организмот пред да почне каков било малиген процес, не дозволувајќи им на овие штетни материи да се апсорбираат во крвта“.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: