Следи нѐ
To Top

Светскиот мотивациски говорник Ник Вујичиќ во Македонија

Големиот светски хуманист и говорник Ник Вујичиќ утре, со почеток во 20 часот, во ВИП Арената на СРЦ „Борис Трајковски“, ќе се претстави со свој мотивациски говор.

Вујичиќ е човек кој со својата неверојатна животна приказна, харизматичен лик и со длабока верба во Бога успеа да ги допре срцата на милионите фанови ширум светот ширејќи огромна верба и волја која им помогна на многу луѓе да го трансформираат својот поглед кон животот и светот.

Настанот е во организација на „Центарот за поттик на креативни потфати“ и „Нова Искра“ како и евангелско-протестантските цркви во Македонија. По повод посетата на Вујичиќ ќе биде промовирана неговата прва книга „Живот без граници“, во превод на македонски јазик на „Саемот на книга“. Изданието ќе биде достапно и на настанот утре во СРЦ „Борис Трајковски“ по цена од 300 денари.

Билетите може да се набават преку МКТикетс по цена од 100, 200, 300 и 1000 денари. Тие може да се купат онлајн, преку веб сајтот на МКТикетс (www.mktickets.mk) или во нивната продажна мрежа која ги вклучува продавниците на ONE ширум Македонија.

Според желбата на Вујичиќ, сите собрани средства од билетите од неговиот настап во Македонија ќе бидат донирани во хуманитарни цели, односно за опремување на салата за лицата со посебни потреби.

Настанот ќе го води Жарко Димитриевски, а целата програма ќе биде збогатена со музички настапи на „Скопје Госпел Хорот“ и македонските музичари браќата Тавитијан.

Ник Вујичиќ е роден Австралијанец, со српско потекло чиј недостаток на рацете и нозете е резултат на ретката вродена аномалија наречена тетра-амелија синдром. Неговиот вроден физички недостаток го става во животот пред сериозни предизвици со кои успева да се избори и денес тој несебично го споделува своето животно искуство и станува инспирација за милиони луѓе ширум светот.

Според Ник, победата за време на долгогодишната борба со препреките пред кои бил ставен е резултат на силата и страста за животот, како и силната верба во Бога. Преку својата цврста волја и шармантен хумор, во последните 15 години успева на своите говори да мобилизира огромен број фанови.

Овој 32-годишен мотивациски говорник во моментов е на турнеја низ светот, каде настапува пред преполни стадиони со 100.000 фанови, дел е од  состаноци на светските лидери и пишува книги.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.