Следи нѐ
To Top

Татјана Алексиќ: Оптимизмот мириса на…

Очајно се обидувам да си ја вратам смислата за хумор и оптимистичкиот дух, но некој зли души перманентно и перфидно ми ги крадат, ден за ден, ноќ за ноќ, дури дрско и во сон.

Во таквиот очаен обид за себедозирање оптимизам, станувам очајно патетична , па ми текнува на реченицата од романот на Кундера ,,Шега“ каде Милан вели „ оптимизмот мириса на глупост“! Оптимизмот, во име на комформистичката рутина, станува алтернатива, како аналната наместо вагиналната пенетрација – некому убаво некому грдо, но изборот е твој … Ако сакаш да му се потсмеваш на светот околу себе почни првин од себе и без симулација.

Ние долго време живееме во симулакрумот на Коле Чашуле од драмата „Црнила“, нашите вистини и лаги се веќе изрежирани, улогите распродадени, публиката поделена, аплаузот извештачен. Мрзеливоста, комформизмот, лицемерието не направија машини , а кога не би се согласил да бидеш автомат , луцидноста, проникливоста не би се осмелиле да ја убијат спонтаноста. Хаотичен неред или стерилен ред, прашање е кога ако не сега? Стерилниот и изрежиран ред е без виталност, виновен за патетичниот оптимизам во „подобро утре“ кое посакуваме да ни се случи спонтано.

Но од посакување до реалност цел амбис, во кој обично паѓаат оние кои работат врз подобрување на утрата…И „добро јутро џезери“ секое утро, секој ден, секоја вечер… додека некој други „ добро јутро мајстори“ стојат далеку од амбисот држејќи се до напамет научениот ритам – „ритам да те питам“.

А ние, Македонци – Трпедонци, како народ со исклучителна смисла за ритам и богат танцов колорит ,никако да фатиме од ритамот или да се фатиме со ритам! И кој ни е виновен?! Ритмички и тактички научивме да ја префрламе вината врз другиот, другите, третиот, третите…бараме трета опција божем сме имале две претходни…и тука сме сите очајно очајни со ококорени очи еден во друг барајќи од другиот очен контакт, оти разумните се разбираат само со поглед.

Ете го старецот Зосиме од „Браќата Карамазови“ кој вели дека сме сите виновни за с’е, Гогољ цинично додава да не му се лутиме на огледалото ако лицето ни е грдо, а поетскиот императив на нашиот Андреевски е : „Никаде да не одиш со грд човек. Со грд човек секаде ќе ти биде грда работата. Ќе си земеш некој убав човек со голема сенка и насекаде свртен. Од која страна да го погледнеш, оттаму да му се гледа лицето. На сите страни да има лице. И тој не мора ништо да зборува…“ Уметноста на живеењето е да учиш од животот и од непријатните искуства и грешки, но да не ги повторуваш за да не станат твоја животна заблуда!

Ние се разликуваме меѓу себе со различното преживување на стравот и непријатностите, некој учи од грешките и се поправа – некој ги повторува како расипан автомат без право на поправка (со удирање глава од sид не се станува помудар). Заедништвото, сплотеноста, споделувањето на колективниот егзистенцијален страв и негово надминувањ е мудрата, тактичка и во ист ритам одиграна вештина на достоинствено преживување, без деструкции врз веќе деградираното, рането и декадентно ни општество. Колку и да чувствуваме страв, никако не смееме да дозволиме деструктивност, вандализам и агресија знаејќи дека агресијата раѓа агресија!

Како просветен работник и родител не сакам да верувам дека со агресија се доаѓа до квалитетна промена, исто како што не сакам да верувам дека правдата ќе не заобиколи! Правдата е спора но сигурна, ќе стаса, и во нејзино име, и во името на нашето граѓанство ( што би рекол наш Кили) само мирно и разумно изразување на револт – оти ако револтот не излезе од нас на виделина , ќе нема веќе бел ден, ниту црна ноќ, ќе нема ни оптимизам ни песимизам, ќе останеме очајно очајни без емоции … А толку убав и сончев ден, убав како македонскиот народ , топол како повторно РАЃАЊЕ НА ОПТИМИЗАМ!

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Колумни

  • Читачка криза…

    Сѐ поблиску сме до неповратна загуба на читачката кондиција!

    Татјана Алексиќаприл 20, 2016
  • Вистината како стока…

    Има ли цена и драгоценост вистинската информација во вистинско време? Отсекогаш, вистинската информација е најдрагоцената стока во меѓучовечките односи важна за...

    Татјана Алексиќаприл 20, 2016
  • Љ-витамин, превенција за комплекси!

    Чувството на пониска вредност е отров кој перманентно не труе и не ни дозволува да им се противставиме на животните проблеми.

    Татјана Алексиќаприл 20, 2016
error: Содржината е заштитена со авторски права.