Следи нѐ
To Top

СПЕЈС АПС ЧЕЛИНЏ: 48 часа македонските студенти работат за НАСА (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Сонот на голем број студенти од Македонија, барем и на 48 часа да работат за американската вселенска агенција НАСА, овој викенд стана јаве за време на „Спејс апс челинџ“ натпреварот, во кој младите иноватори имаат период од 48 часа да ја покажат својата креативност и способност да работат на најголемите предизвици кои ги постави НАСА.

Настанот во Македонија е во организација на „Њу менс бизнис акселераторот“ во чии простории изминатите два дена преку 120 учесници се борат да ја претворат својата идеја во производ кој ќе одговори на глобалните предизвици поврзани со  аеронаутика, планетата Земја, вселенските станици, патот до Марс, соларниот систем и вселенската технологија.

реклама

Во Македонија, натреварот се одржува на четири локации, во Скопје, Охрид, Битола и Тетово.

– „Ние заедно со голем број волонтери од студентските организации го организираме овој натпревар во Скопје, но во исто време и го координираме „НАСА спејс апс челинџ“ во Охрид, Битола и Тетово. Можеме да се пофалиме дека бројот на учесници е многу поголем од претходните години, што говори на фактот дека голем број млади го гледаат овој настан како потенцијално место каде можат да го покажат својот талент пред една голема агенција како НАСА и преку овој натпревар да им помогнеме да достигнат глобален успех.“ – вели Марина Таневска, претставник на „Њу менс бизнис акселератор“.

DSC_0442

Поради успехот на натпреварот од минатите години, „Њу менс бизнис акселератор“ оваа година ги координира сите европски локации каде се одржува овој хакатон, но и за првпат се појавува како организатор на „Спејс апс челинџ“ натреварот и во американската силиконска долина.

– „Можеме слободно да кажеме дека Скопје го координира овој натпревар низ цела Европа. Минатата година нашиот тим координираше 10 европски локации, но оваа година бројот е зголемен, па така годинава ги координираме натпреварите во Белград, Тирана, Загреб, Приштина, Копер, Љубљана, Виена и Клуш, а дополнително имаме и една локација во Алжир, во градот Оран. На наше големо задоволство оваа година се појавуваме и како главни организатори на натпреварот во Пало Алто во Силиконската долина, каде настанот се организира по првпат. Моментално таму се нашите претставници Ирена Чаушевска и Анита Кирковска коишто го водат таму настанот заедно со останатиот организациски тим.“ – додава Таневска.

НАСА е во контакт со сите локации каде се организира овој натпревар, меѓу кои и градовите во Македонија. Освен што испраќаат насоки за координирање на натпреварот, тие овозможуваат и пристап до ограничен број на бази на податоци кои учесниците имаат можност да ги користат за време на натпреварувањето. Очекувањата на НАСА од овој натпревар се дека младите креативци ќе успеат да дадат решение на глобалните проблеми.

DSC_0297

ОД ВИРТУЕЛНА ПРОШЕТКА ВО ЕДЕН ОД СПЕЈС ЦЕНТРИТЕ, ДО ПОЛЕСНО ЛЕТАЊЕ НА ДРОНОВИТЕ НА НАСА

Натпреварувањето во Скопје се одвива во просториите на „Њу менс бизнис акселераторот“, каде повеќе од 120 младинци поделени во повеќе тимови работат на различни проекти изминатите 48 часа.

Еден од тие тимови има за цел да смисли иновативно решение преку кое ќе помогне полесно да можат да се летаат дроновите и во домашни услови.

– „Главната цел на нашиот проект е да го поедноставиме начинот и контролата на летање на дроновите коишто се користат во домашни или некомерцијали услови. Под името „Не го уривај мојот дрон“, сакаме да и помогнеме на НАСА со тоа што ќе направиме апликација која автоматски ќе ги контролира сите параметри потребни за летање на дронот и на еден начин ќе му помогне на човекот кој го лета дронот полесно да се снајде во околината“ – изјави Филип Макрадули, еден од учесниците на натпреварот.

DSC_0464

На прашањето дали 48 часа се доволни за работа на предизвиците поставени од НАСА, Филип одговори:

– „Секако дека не се доволни, но овие 48 часа, според мене, се за сите тимови едни од најважните моменти бидејќи тоа е периодот кога се раѓа идејата за нашата замисла и ние во тие 48 часа треба таа идеја да ја документираме и презентираме, а доколку постои потенцијал понатаму, по завршувањето на натпреварот, и ќе ја развиваме“.

DSC_0546

Друг тим, пак, има за цел да организира виртуелна прошетка низ седиштето на НАСА, а за таа цел користат технологија, наречена виртуелна реалност.

– „Ние работиме на еден многу интересен предизвик, односно имаме за цел да направиме виртуелна прошетка низ спејс центарот на НАСА и да визуелизираме како тоа би изгледало по 50 години. На тој начин сите оние кои би сакале да се прошетаат низ овој технолошки центар, а немаат доволно парични средства, време или едноставно се од другиот крај на светот, ќе ја имаат можноста преку една од најновите технологии, виртуелна реалност, да се прошетаат низ просториите на НАСА.“ – изјави Стефан Таушанов.

Од тимот велат дека е напорно да се работи за НАСА, посебно во краток временски период од 48 часа, но тие уживаат во тоа што го работат.

DSC_0601

ЗДРАВА ХРАНА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ „АСТРОНАУТИ“

Еден од спонзорите на настанот е пекарата „Ваташа“ која изминатите два дена ги хранеше македонските учесници со здрава храна, впрочем како што се хранат и астронаутите на НАСА.

– „Земајќи го моето искуство во информатичките науки и старт-ап компании, но и љубовта и желбата на младите кои денеска ги гледаме тука, спремни да го покажат своето знаење пред НАСА нѐ поттикна нас, како компанија, да ги нахраниме „гладните умови“ на младината, со цел да им помогнеме да победат во овој натпревар. Пекара „Ваташа“ како компанија, која постои веќе три генерации, секогаш се стреми да биде во тек со иновативноста, односно секој ден тестираме и иновираме нешто ново, некој нов производ, и поради тоа што станува збор за настан организиран од НАСА каде се става акцент на иновативноста, сакавме да излеземе во пресрет и да им дадеме мала сила на младите натпреварувачи со нашите нови, здрави производи.“ – изјави Зоран Митовски од пекарата „Ваташа“.

DSC_0200

48-ТЕ ЧАСА РАБОТА ЗА НАСА ЗАВРШУВААТ ДЕНЕС

Денеска изминуваат 48 часа кои им беа дадени на натпреварувачите со цел да ги подготват нивните проекти.

Во текот на денот истите ќе бидат презентирани пред стручната комисија и менторите, и потоа со гласање ќе се одберат најдобрите проекти од сите локации кои градот Скопје ги има во својата агенда и истите ќе бидат испратени на натпреварување на глобално ниво.

DSC_0501

Најдобрите тимови ќе имаат можност да влезат во Европската програма за акцелерирање на проектите, која што ќе им помогне да ги реализираат своите проекти.

Тимовите коишто ќе победат во секоја од локациите ќе се натпреваруваат на глобално ниво, а најдобрите шест ќе имаат можност да присуствуваат на лансирање ракета од седиштето на НАСА.

Целосната фотогалерија можете да ја пронајдете на нашата официјална фејсбук страница.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Creative

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.