//
Следи нѐ
To Top

ИНТЕРВЈУ: Македонците кои со Ред Бул лименки ја прошетаа Европа

Тројца македонски студенти изминатиот викенд тргнаа на патување низ Европа само со лименки од популарниот енергетски пијалок Ред Бул во нивните џебови, во рамки на натпреварот „Дали можеш да го направиш тоа?“ на компанијата Ред Бул.

Овој натпревар со интернационален карактер кој обедини над 500 млади луѓе низ целиот свет, заврши во Париз, градот кој беше финална локација на сите тимови кои тргнаа на оваа авантура.

реклама

Нашите претставници, Марко, Волхан и Борис, од кои најмалиот 19, а најстариот 21 година, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство велат дека нивниот авантуристички дух бил пресуден да се пријават на овој натпревар.

– „Кога дознав за натпреварот веднаш знаев дека треба да се пријавам. Секогаш ме привлекувале авантуристичките настани и едноставно сакав да бидам дел од овој уникатен натпревар. Сепак, пресудно беше да го најдам правиот тим со кој ќе одиме заедно на ова патување, па по долги преговори и убедување, заедно со моите другари од факултет, Марко и Борис, решивме да се пријавиме, без очекување дека ќе ја добиеме шансата да ја прошетаме Европа само со Ред Бул лименки во нашите раце.“ – вели Волхан Салаи, дел од македонскиот тим.

DSC_0570

Првиот дел од натпреварот вклучувал правење на интересно видео преку кое овие млади момчиња го привлекоа вниманието на јавноста, појавувајќи се скоро голи, за на крајот да бидат избрани од тимот на Ред Бул како најдобри претставници на нашата земја и да заминат на патувањето.

– „Кога нѐ известија дека ние сме тие што ќе ја претставуваат Македонија на патувањето, не ни се веруваше. И се помина толку брзо, без да почувствуваме, се до денот пред стартот на патувањето, кога пристигнавме во Единбург, нашата стартна точка на авантурата, каде ни стана јасно дека сепак нема да биде така лесно како што замислувавме.“ – додава Марко Рочевски.

DSC_0557

Од петте стартни точки на патувањето, атрактивни локации низ Европа, како градовите Барселона, Прага, Фиренца, нашиот тим бил испратен во ладниот Единбург, главен град на Шкотска. Правилата на натпреварот биле такви, што на самиот старт им биле одземени сите електронски уреди, парични средства и непотребни работи, и само со вреќи за спиење, шатор и лименки Ред Бул биле испратени на авантурата да пристигнат од Единбург до Париз за седум дена.

Марко, Борис и Волхан, кои на прв поглед тивки, но напротив многу весели и паметни момчиња, велат дека воопшто не било лесно да се патува низ Британија само со лименки Ред Бул како парично средство, ниту тоа да се спие во предели каде никогаш не би ни се сетиле дека еден ден ќе го доживеат и тоа искуство.

– „Многу од луѓето и локалните бизниси не беа запознаени со овој натпревар и навистина беше тешко да се добие карта за патување од еден град до друг, или да купиме храна, а најмалку да преспиеме во некој хотел. Имаше ситуација кога спиевме на улиците во Даблин, низ планиниски предели и рурални области, а се случуваше и да стоиме на главните автопати и да бараме превоз со часови.“ – се сеќава Борис Соколов.

DSC_0577

За и ние во Македонија да бидеме сведоци на нивните авантури низ патувањето, на тимот му бил даден мобилен телефон, но кој имал само две апликации, да можат да испраќаат фотографии и видеа на социјалните мрежи и да се јават на тимот на Ред Бул доколку се најдат во неволја.

 – „Иако не станува збор за долг временски период, туку само седум дена, сепак на моменти бевме психички исцрпени, после неколку часа стопирање автомобили или барање продавница која ќе ни даде храна во замена за Ред Бил пијалок, често пати ја губевме надежта и во тие моменти навистина ни фалеше еден повик со најблиските, но и ние тројца сами се поддржувавме и си помагавме во тие, да кажам, тешки моменти. Тоа е моќта на другарската љубов (се смее).“ – додава Марко.

Но, не било сѐ така лошо како што раскажуваат овие млади момчиња, кои со воодушевување зборуваа и за убавата страна на патувањето.

– „Видовме градови кои можеби никогаш во животот не би ги посетиле. Даблин, Кардиф, Лондон, се многу убави градови, бевме едноставно изненадени. Видовме пејсажи и области кои во животот се гледаат само еднаш, а на крајот на патувањето имавме можност да преспиеме покрај реката Сена во Париз, со поглед од шаторот кон Ајфеловата кула.“ – низ смеа раскажува Борис.

DSC_0510

Освен шанса да се види Европа од еден поинаков агол, велат од тимот, ова била и одлична можност за промоција на нашата земја на глобално ниво, за размена на културата на живеење, пробување на локалната кујна, но и за запознавање со голем број луѓе од целиот свет.

Победничкиот тим имаше 580 поени, при што студентскиот тим од Естонија успеа да ги надгради своите оцени во последните денови од авантурата и беше прв според критериумот за популарност на социјалните мрежи, исполнување на предизвици на попатните станици, како и општиот резултат. Второпласираниот тим „Wauw“ од Белгија имаше 555 поени, додека американскиот „USU“ имаше само пет помалку, а беше прв во категоријата за авантури.

Македонскиот тим „Борово“ беше меѓу оние што појдоа од Единбург и заврши на 67 место, а воедно претставува втор најдобар резултат меѓу осумте екипи кои беа од земјите на Балканот. Во таа конкуренција најдобро пласиран беше еден од трите тима што учествуваа од Словенија на 50 место, додека зад македонскиот тим беа другите два словенечки тима, два од Србија, како и претставниците на Црна Гора и Хрватска.

Минувајќи низ 3 земји, Борис Соколов, Марко Рочевски и Волхан Салаи поминаа 1.609 километри и потрошија 112 лименки Ред Бул. Тие поминаа на четири попатни станици и според статистиката најмногу поени имаат според параметарот за авантури.

Неколку дена по враќањето од Париз, Марко, Борис и Волхан се сѐ уште под импресиите од ова уникатно патување, кое како што ни кажаа им го променило животот и ќе им остане во сеќавањето како авантура од убавите тинејџерски денови.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Интервју

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: