//
Следи нѐ
To Top

Од 12 до 15 мај: Италијански театар, танц и филм во Македонскиот народен театар

Со цел зацврстување на врските и културната и уметничка размена меѓу Апулија и Македонија, пристигнува ИТАЛИЈАНСКА СЦЕНА.

Проектот, поддржан од регионот Апулија и Апулијанскиот јавен театар, претставува можност македонската публика да ги види на сцена италијанските и апулијанските уметници. Имено, во периодот од 12 до 15 март ќе бидат прикажани/играни повеќе театарски и танцови претстави и филмски проекции на театарите Фактори и Принчипио ативо од Лече, како и на Алдес од Лука. Една од претставите е и на режисерот Давиде Барлети, кој заедно со Јакопо Квадри го сними филмот во чест на педесетгодишната активност на Один театрет на Еуџенио Барба.

реклама

Отворањето на програмата е во четврток, 12 мај, во 19:00 часот, со првата но мошне успешна претстава на компанијата Фактори од Лече – Сон на летната ноќ од Вилијам Шекспир. Режијата е на Тонио де Нито. Тоа е претстава за која, се вели, дека зрачи свежина од сите пори, тоа е верзија во техниколор: весела разонода. Играат апулијански, српски, хрватски и црногорски актери: Анџела де Гаетано, Кјара де Паскалис, Енрико ди Џамбатиста, Никола Крнета, Миливоје Лакиќ, Ана Мулановиќ, Лука Пасторе, Андреа Симонети, Фабио Тинела. Реприза на оваа изведба ќе има и во петок, 13 мај, во 20:00 часот.

Во сабота, 14 мај, во 20:00 часот, на сцената настапува продукцијата Принчипио ативо театро, од Лече, која со Националната опера на борците ја претставува Планинските џинови, трети чин. Работена е по сценарио на Валентина Дијана, а во режија на Џузепе Семераро. Како што вели режисерот тоа е „непромислено драмско дело кое од пиранделовскиот театар иронично се стреми да создаде театар поради театар, уметност поради уметност. Небаре малодушниве актери сакаат да ја преземат несреќната задача да му прават срцева масажа на театарот на умирање. Кога иронијата има остро сечило, малку треба за да настане трагедија“. Настапуваат: Леоне Марко Бартоло, Дарио Кардеи, Карла Гвидо, Ото Марко Мерканте, Кристина Милети, Џузепе Семераро.

Во недела, 15 мај во 19 часот, ќе се игра извонредната претстава Во темната кружиме ноќ и нè голтаат јазици пламни, на театарот Алдес од Лука. Неговиот оригинален наслов In girum imus nocte (et consumimir igni) претставува загадочен латински палиндром, кој и Ги Дебор го избра за наслов на својот прочуен филм од 1978 година. Кореографијата е на Роберто Кастело. Црно-белото и хипнотичката музика се местото во кое се редат микроприказните на оваа перипатетичка ноќна претстава која е меѓу филмот, танцот и театарот. Осветлена со студена светлина од видеопроектор што ги одмерува просторите, времињата и структурите, црнината на костимите ги прави ликовите проѕирни и ги трансформира во безвременско минато во кое живее изгубено човештво што граби напред и се прпелка со пргави, емотивни и хаотични движења, и покрај истоштеноста и на работ на трансот. Настапуваат Маријано Ниеду, Стефано Квестори, Џизелда Раниери, Ирене Русолило.

Во 21.00 часот е проекцијата на филмот Земјата каде што дрвјата летаат, Еуџенио Барба и годишнината на Один во режија на Давиде Барлети и Јакопо Квадри. Филмот зборува за прославата во Холстебро на педесетгодишнината на Один театрет, истражувачкиот театар, која под раководство на Еуџенио Барба ги смени координатите на изведувачките уметности на втората половина на дваесеттиот век збогатувајќи ја својата азбука преку светските сценски култури.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: