Поврзи се со нас

Популарно.мк

Осум претстави на третиот фестивал „Гола месечина“ во Аеродром

МК Сцена

Осум претстави на третиот фестивал „Гола месечина“ во Аеродром

Третиот Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ кој го организираат Театар Комедија и Општина Аеродром со поддршка на Министерството за култура, годинава ќе се одржува од 20-ти до 29 јуни во отворениот Спортски центар Ново Лисиче. 

Ќе бидат изведени осум претстави-комедии на театри од Софија (Автобусот), Сараево (Балкански шпион во Сараево), Белград (Елинг), Ниш (Жорж Данден) и на театрите од Прилеп (Хамлет од Горно Дупени) и Охрид (Парламентарки), Театарот за деца и младинци (Македонска приказна) и на организаторот – Театар Комедија (Нешто пропуштаме).

На завршната фестивалска вечер, 29 јуни, ќе бидат доделени четири награди – за најдобра режија, машка улога, женска улога и Гран-при за најдобра претстава.

Влезот за посетителите и годинава ќе биде бесплатен, а поради големиот интерес за манифестацијата, организаторите обезбедија простор со поголем капацитет – локацијата избрана за годинашниот фестивал  има до 3.000 места.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција на која беше претставена програмата рече дека овој фестивал е успешен пример за соработка на локалната и централната власт во областа на културата.

Нагласи дека меѓу приоритетите на Владата и Министерството за култура е локалниот културен развој и дисперзија на културни настани во сите општини низ Македонија, посочувајќи и други манифестации со таа цел, меѓу кои и претстојната  „Топол културен бран“.

– Од културата секој граѓанин треба да има бенефит и затоа локалниот културен развој е еден од приоритетите во културната политика на Владата и Министерството за култура. Во летниот период се организираат најразлични видови манифестации и околу 99 проценти од сето она што се случува во нашата држава во областа на културата се поддржани од Владата, Министерството за култура и локалната самоуправа. Тој одличен модел на функционирање на централната и локалната власт можеме да го видиме и со Општина Аеродром, истакна Канческа-Милевска.

Според директорката на Театар Комедија Јелена Жугиќ, „Гола месечина“ по две успешни изданија има се повеќе странски учесници и станал препознатлив во регионот, така што театри од околните земји веќе самите праќаат снимки од претстави со кои би гостувале на фестивалот.

– Веќе сме етаблирани и признати и не познаваат национални институции, рече Жугиќ и ги повика Аеродромци но и сите скопјани од понеделник да доаѓаат на претстави во Ново Лисиче.

Со поддршка на Министерството за култура, првпат за време на фестивалот ќе бидат промовирани книги-комедии кои имале праизведба во нивниот театар. Целта е да се зголеми издавачката продукција од овој жанр. Годинава тоа ќе бидат две драми од Венко Андоновски – „За секого има по една“ и „Господарот на кукавицата“ – и ќе бидат објавени верзиите кои биле играни на сцена. Годинава првпат ќе има и работилници за актери од Театар Комедија.

Градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски рече дека целта на „Гола месечина“ е да го збогати културниот живот на жителите на Аеродром и, како што рече, да ги развесели и разведри љубителите на комедијата.

Информативна Редакција

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од МК Сцена

ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.