Следи нѐ
To Top

АВАЛОН: Енрике Инглесиас со скромни барања за концертот во Скопје

По успешниот музички спектакл Skopje Calling 2016, во рамки на историското концертно лето во Македонија, ќе се случи еден концерт којшто навистина со право ги носи префиксите Историски и Суперексклузивен.

Концертот на Енрике Инглесиас во Скопје кој ќе се одржи на 20 јуни во ВИП Арената во СЦ „Борис Трајковски“ е историски, затоа што за прв пат во Македонија доаѓа пејач којшто е од А листата на светски изведувачи, а суперексклузивен е затоа што капацитетот на салата во СЦ „Борис Трајковски“ (само 8000 карти ќе бидат пуштени во продажба) е убедливо најмал од сите простори кои Енрике во последниве десетина години настапувал низ светот.

-Многу ни е драго што Македонците ќе имаат можност да уживаат во неговата музика. Интересот е навистина преголем. Бројот на останати карти е многу мал, па затоа, еве повик до оние што сакаат да бидат дел од забавата, а сѐ уште не успеале да купат билет, да побрзаат – велат од „Авалон“.

<
>

Најпопуларниот латино заводник во Скопје доаѓа во рамките на светската турнеја „Sex and Love“ во која го промовира својот последен студиски албум. На македонската публика ќе и` се претстави со сите негови досегашни хитови, вклучувајќи ги последните и можеби најпопуларни „Bailando“, „El Perdon“, потоа, „Not in Love“, „Hero“. „Tonight“, „Bailamos“, „I like it“…, кои несомнено беа на челните позиции на разни топ листи во светот.

-Во однос на побарувањата, навистина е многу скромен. Тоа за него е споредно. Има високи побарувања кога е техничкиот дел во прашање. Тука се покажа како вистински професионалец. Токму затоа, сакаме да нагласиме дека, како и на Дејвид Гета, каде беше користена врвна технологија за сцена и звук, истите услови ќе бидат исполнети и за Енрике, како и за сите останати концерти, секако, во зависност од просторот и потребите – истакнуваат организаторите.

Инглесиас планетарната слава ја доживува со плочата „Enrique“ четири години подоцна, додека следните албуми „Escape“, „Quizas“ и „Insomniac“ дополнително му ја зацврстија позицијата како еден од водечките пејачи на светската сцена.

Кралот на латино поп музиката, како што медиумите го нарекуваат Енрике, продал над 140 милиони албуми ширум светот, а исто така тој е еден од ретките изведувачи, чиј хит сингл „Bailando“ има преку милијарда прегледи на Јутјуб, кој му обезбеди и место во Гинисовата книга на рекордите.

Соработката со Македонски Телеком ќе продолжи во текот на целата концертна сезона на Авалон Продукција, каде најголемата македонска компанија ќе биде генерален спонзор на концертите на Nicky Romero & Lost Frequencies, Al Di Meola и The Prodigy, во рамките на фестивалот Ohrid Calling 2016.

 

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.