Следи нѐ
To Top

ВЕЧЕРВА СКОПЈЕ ЌЕ ИГРА НА ЛАТИНО: Енрике Инглесиас со голем концерт во „Борис Трајковски“

Енрике Иглесијас – кралот на латино-поп музиката, вечер во ВИП Арената во СЦ „Борис Трајковски“ ќе одржи концерт во рамки на неговата светска турнеја насловена „Секс енд Лав“ (Sex and Love).

Организаторот на гостувањето Денис Илиоски од Авалон Продукција посочи дека станува збор за историски концерт затоа што во Македонија доаѓа пејач од А-листата на светски изведувачи, но и суперексклузивен бидејќи капацитетот на салата е убедливо најмал од сите простори на кои Енрике настапувал во изминатите 10 години низ светот. Имено, пуштени се само 8.000 билети во продажба.

Инаку, светската поп ѕвезда доаѓа овој месец специјално во Македонија, со оглед дека во мај месец во регионот веќе одржа концерти во Белград, Загреб и во Софија.

Енрике немал посебни барања во однос на сместувањето и храната, но инстирал повеќе на технички аспекти за организацијата на концертот. Предгрупа нема да има, а вратите на арената ќе бидат отворени еден час пред концертот кој треба да почне во 21 часот.

На концертот ќе биде промовиран неговиот последен студиски албум, а Енрике ќе ги изведе и неговите добро познати хитови како „Bailando, El Perdon, Not in Love, Hero, Tonight, Bailamos итн.

Кралот на латино-поп музиката, како што го нарекуваат медиумите, досега има продадено над 140 милиони албуми во светот и е единствениот музички уметник кој дури 13 пати бил на првото место на Bilboard dance листата. Соработувал со бројни светски ѕвезди, а добитник е и на повеќе значајни награди меѓу кои “Греми“, „Билборд“ и „Американ Мјузик Авард“.

Веднаш по Иглесијас, во организација на Авалон Продукција утре вечер во Скопје ќе настапи и Џон Њуман, големо светско име на соул музиката.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Настани

error: Содржината е заштитена со авторски права.