Следи нѐ
To Top

44.000 луѓе на тврдината за најголемиот старт на Егзит фестивалот досега! (ВИДЕО)

Овогодинешната, магична Егзит авантура собра голем број луѓе од сите делови на светот, од најодалечените дестинации до бројните најверни фанови од Србија и Македонија.

На првата ноќ на Егзит, инаку најпосетена прва ноќ во историјата на фестивалот, преку капијата на тврдината поминале преку 44.000 посетители кои допринесоа да се почувствува Егзит магијата со традиционалниот спектакуларен огномет на главната бина. А потоа следуваше музички еквивалент во вид на апсолутната поп принцеза Ellie Goulding чие име публиката го скандираше толку гласно, што на моменти го надгласуваа звукот од експлозиите на обоеното небо.

DSC_0392

ФОТО: Емилија Стојменовска / Популарно.мк

Воведните тактови предизвикаа прав делириум кај фановите, посебно со песната „Aftertaste“, а потоа следуваа планетарните хитови „Lights”, “Burn”, “On My Mind”, “I Need Your Love” и други, додека самиот крај беше резервиран за мега-баладата „Love Me Like You Do“, на што публиката кажа – „We Do!“.

Пред Ellie, главната бина ја оддуваа британските рокери Bastille со песните “Things We Lost In Fire”, “Bad Blood” и апсолутниот хит на овогодинешната Егзит авантура, “Pompeii”!

Шеснаесетти пат по ред, Нови Сад е центар на најдобрата регионална забава и добрата музика. Дваесетина бини и големи светски ѕвезди ќе ја забавуваат публиката од регионот и светот во следните три вечери , а за вечерва како главни ѕвезди  се најавени францускиот диџеј Дејвид Гета и британскиот драм енд бејс изведувач Вилкинсон кои ќе настапат по полноќ.

Пред нив на главната сцена се најавени настапите на српскиот бенд „Ајри ФМ“ и легендарниот американски музичар и композитор, Џорџ Клинтон.

Она што вон музичката програма на „Егзит“ го одбележа првиот ден на фестивалот е трибината „Тивко балканско мнозинство“ на кое учествуваа директорот и основачот на  „Егзит“, Душан Ковачевиќ, режисерот Кокан Младеновиќ, музичарот Дамир Урбан и актерот Емир Хаџихафисбеговиќ, додека модерторка на трибината била новинарката на весникот „Данас“, Гордана Нонин.

На третиот фестивалски ден, за утре се најавени настапите на пустинските туарези „Тинаривен“, српскиот бенд „Дисциплина кичме“, британскиот инди-рок бенд „Ваксинс“ кои ќе настапат по полноќ, a потоа следи диџеј-сет на британскиот електро бенд Модстеп.

На Денс арената публиката вечерва ќе ја забавуваат диџеј ѕвездите Ники Ромеро и Робин Шулц, а Фјужн стејџот ќе биде збогатен со настапите на регионалните бендови „Лолобриџида“, „Били Андол“, „Атеист рап“, „Исказ“, и Британците „Даб пистолс“.

Фестивалот ќе биде затворен в недела, 10 јули, со настапите на британскиот рапер Стромзи, главната ѕвезда навечерта – американската рап-ѕвезда Виз Калифа и култниот британски бенд „Продиџи“.

На Денс Арената ќе настапат познатите диџеј Ричи Хотин, Дејв Кларк, Марко Карола и руската диџејка Нина Кравиц.

И оваа година организаторите на фестивалот обезбедија сместување за посетителите во кампот „Егзит вилиџ“, чиј капацитет е од 3.000 до 4.000 места и се наоѓа на новосадската плажа Штранд.

По четиридневното музичко лудило на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, забавата на „Егзит Авантурата“ се сели на плажата Јаз во Будва на „Си денс“ фестивалот кој ќе трае од 14 до 16 јули.

Екипата на Популарно.мк останува во Нови Сад директно да ве известува за сите случувања од центарот на забавата на Егзит – најдобриот европски фестивал за 2016 година.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Настани

error: Содржината е заштитена со авторски права.