Следи нѐ
To Top

Концерти на Ал Ди Меола и Д Продиџи викендов во рамки на фестивалот „Охрид колинг“

Првото издание на музичкиот фестивал „Охрид колинг“ својата кулминација ќе ја има престојниот викенд, со концертите на светски познатиот гитарски виртуоз Ал Ди Меола в сабота на 13 август на Античкиот театар и на мегапопуларните Д Продиџи в недела на 14 август на стадионот на СРЦ „Билјанини извори“.

Ѓоко Апостолов од Секторот за локален економски развој при Општина Охрид на денешната прес-конференција изрази жалење за трагично настраданите во невремето што го зафати скопскиот регион, но нагласи дека Охрид како туристичка дестинација мора да продолжи со реализација на зацртаните активности и содржини организирани да привлечат што поголем број гости.

– Првиот концерт во рамки на „Охрид колинг“ одржан на 1 август со Ники Ромеро и Лост Фриквенсис покажа дека Охрид има капацитет да организира ваков фестивал за кој очекуваме од година во година да прерасне во бренд од регионални, па и далеку пошироки рамки, рече Апостолов, најавувајќи уште поголеми атракции за наредните фестивалски изданија.

Денис Илиоски, претставник на продукциската куќа што заедно со Општина Охрид е коорганизатор на настанот, истакна дека Охрид како град е подготвен да организира фестивал од ваков калибар.

– Викендов ќе го заокружиме првото издание на фестивалот. Ексклузивно в сабота на Античкиот театар со Ал Ди Меола, еден од најдобрите светски гитаристи на сите времиња и финалето на 14 август со светската атракција што не се опишува со зборови, рече тој, нагласувајќи дека охриѓани и Македонија може да се гордеат со „Охрид колинг“.

Според информациите, голем е интересот за двата концерти не само кај домашната публика, туку и пошироко.

– Буквално нема држава на Балканот каде нема продажба, а има интерес и кај три-четири држави од западна Европа, така што сметаме дека преку овие концерти Охрид се промовира далеку пошироко во светот, рече Илиоски.

Ал ди Меола, како што беше истакнато на прес-конференцијата, е воодушевен што ќе свири на Античкиот театар, изјавувајќи дека со големо нетрпение го очекува настапот во Охрид, најавувајќи продолжен четиридневен престој во нашето најпознато летувалиште.

Фестивалот „Охрид Колинг“ е во организација на Авалон продукција.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.