Следи нѐ
To Top

Светската пливачка елита е дел од 30-то издание на Охридски маратон кое ќе се одржи во саботa

Осумнаесет натпреварувачи од кои девет мажи и девет жени во сабота точно на пладне ќе влезат во водите на Охридското Езеро, како учесници на јубилејното, 30-то ред издание на Охридскиот пливачки маратон – најголемата меѓународна спортска манифестација во земјата.

Охридскиот маратон, што се одржува во организација на Пливачката Федерација на Република Македонија, под покровителство на Претседателот на Република Македонија, е редовна трка од „Гран-при“ серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА). Како и секоја година, така и оваа, ќе се плива на патеката „Климе Савин“ од манастирскиот комплекс „Св.Наум“ до Градското пристаниште во Охрид, со вкупна должина од 30 километри.

Минатата година победник на Охридски маратон беше македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев, кој направи историски успех за Македонија. Имено, тој беше првиот Македонец кој победил на Охридскиот маратон.

Поп Ацев оваа година ќе се обиде да го задржи тронот, на кој се надеваат дека ќе се искачат и останатите двајца Македонци кои што ќе ја пливаат патеката во Охрид, Томи Стефановски и Александар Илиевски. Конкуренцијата оваа година во машка и женска конкуренција ќе ја сочинуваат натпреварувачи од Италија, Бразил, Русија, Германија, Чешка, Хрватска, Венецуела итн.

Како и минатите години, Охридскиот пливачки маратон е претпоследен во гранпри-серијата која оваа година содржи три трки. Последниот маратон е познатиот маратон Капри-Неапол, Италија, на 4 септември. Сезонава гранпри-серијата маратони (на делници долги над 35 км) официјално почна со маратонот на езерото Сен Жан во Канада минатиот месец. Таму победи Американецот Александар Меер, а од тројцата македонски маратонци најдобар пласман, на третата позиција, забележа Томи Стефановски. Евгениј Поп Ацев беше петти, а Александар Илиевски деветти, во конкуренција на 12 пливачи.

Рекордот на маратонот во Охрид му припаѓа на Аксел Рејмонд, постигнат пред две години кога, тогаш 19-годишниот француски маратонец, патеката ја исплива за 5:09:54(95) часа.

Во ФИНА бодувањето се одредува според паричниот фонд, така што победникот на Охридскиот пливачки маратон, покрај паричната награда, ќе добие и 15 бода на своето конто, второпласираниот 11, третиот 9, четвртиот 7…осмопласираниот 3 бода. Секој што ќе го исплива маратонот во предвидениот временски рок до половина час после пристигнувањето на победникот на целта добива два бода.

Наградниот фонд на маратонот во Охрид изнесува десет илјади долари. Организатор е Пливачката Федерација на РМ, со поддршка на Општина Охрид, Агенција за Млади и Спорт и Капетанијата на пристаништата.

Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид се одржа во 1962 година на патеката Пештани – Струга – Охрид во должина од 36 километри. Победник на првиот маратон беше Египќанецот Абу Хеиф, третото место му припадна на охриѓанецот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победи неговата сестра Атина Бојаџи.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Останато

error: Содржината е заштитена со авторски права.