Следи нѐ
To Top

Поп Ацев е голем фаворит за втора победа по ред на Охридски Маратон

Првиот Македонец кој триумфираше на Охридски Маратон, Евгениј Поп Ацев, оваа година е главен фаворит за да го одбрани трофејот на најголемата спортска манифестација во нашата држава.

Имено, Поп Ацев и уште осум пливачи во машка и девет во женска конкуренција, утре точно напладне ќе се појават на стартот на јубилејното 30-то издание на Охридскиот пливачки маратон кој ќе се плива на на патеката „Климе Савин“ долга 30 километри. Македонската пливачка експедиција оваа година освен минатогодишниот победник, ја сочинуваат и Томи Стефановски и Александар Илиевски.

– „Бројката на пливачи за Охридскиот маратон не е таква каква што бевме навикнати изминатите години, но тоа не ја намалува неговата силина. Сите пливачи што се тука се дел од ФИНА светската серија неколку години по ред така што не очекува одлична трка. Релативно малиот број пријавени пливачи за маратонот е поради тоа што трката се поклопува со одржувањето на Летните олимписки игри во Рио каде оваа седмица се одржаа десеткилометарските пливачки маратони. Би сакал да нагласам дека Светската пливачка федерација секоја година со највисоки оценки го оценува Охридскиот маратон и му дава посебно место во календарот маратонски трки, изјави Јане Карајованов, техничкиот делегат на Македонската пливачка федерација.

Карајованов исто така истакна дека дека оваа година Охрид заедно со Наполи и Сен Жан во Канада се градовите кои и покрај намалениот интерес за учество не ги откажаа своите маратонски трки и притоа на јавноста и откри дека Пливачката федерација на Македонија планира воведе новитет во маратонското плива во Македонија со воведување на 10 километарска трка на Охридското Езеро.

Првите маратонци на целта кај Градското пристаниште во Охрид се очекува да пристигнат некаде пет и половина часа подоцна. Рекордот на 30 километри долгата патека го држи Рејмонд Аксел од Франција со резултат (5:09:54) постигнат во 2013 година.

Фаворити за победници на маратонот освен нашиот Поп-Ацев се и Едуардо Стокино од Италија, Дамиен Блаум од Аргентина и Томи Стефановски од Македонија.

Охридскиот маратон што се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, е редовна трка од „Гран-при“ серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА) и е најголемата меѓународна спортска манифестација во земјата.

Наградниот фонд на маратонот во Охрид изнесува десет илјади долари. Организатор е Меѓународната пливачка федерација (ФИНА), додека техничката организација е на Македонската пливачка федерација, со поддршка на Агенцијата за млади и спорт и Општина Охрид.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Останато

error: Содржината е заштитена со авторски права.