Следи нѐ
To Top

Преображение Христово, благословување на плодовите

Благословување на плодовите како благодарност кон Бога

Празникот Преображение Господово спаѓа во големите празници што ги празнува Светата Христова црква, но тој и со поголемиот број обичаи и верувања има значајно место во животот на нашиот народ, така што во целокупното празнување на овој празник следиме повеќе слоеви на народната култура.

На Преображение за пат пат се јаде грозје или друго овошје откако свештеникот ќе го отпее и благослови. Тоа претставува и благодарност кон Бога за дадените плодови на земјата.

Третата година откако започнал да го проповеда своето учење Исус им зборувал на своите ученици дека наскоро ќе се случат важни работи. Им раскажувал, дека тој ќе биде мачен и распнат, дека ќе умре и ќе воскресне. Учениците не можеле да поверуваат синот Божји така да страда и да умре. За да не се исплашат и разочараат кога тоа ќе се случи Исус решил да им покаже како тоа ќе изгледа. Повел тројца апостоли: Петар, Јаков и Јован на планината Тавор. Се поставува прашањето зошто Исус повел само тројца од своите апостоли да го видат Преображението, а не сите. Се смета дека тоа е направено зашто Јуда како иден предавник не бил достоен да го види тој чин. А да го изоставел само него, тој подоцна ќе имал оправдување за предавството. Кога пристигнале на ридот Тавор апостолите изморени од патот веднаш заспале, а Исус започнал да се моли. Одеднаш лицето почнало да му свети како сонце, а и облеката му станала бела, како снег. Тогаш се појавиле и двајцата старозаветни пророци Мојсие и Илија. Кога се случило преображението апостолите се разбудиле и виделе како Исус разговара со пророците за тоа што наскоро ќе се случи во Ерусалим, за мачењето и распнувањето за смртта, и воскреснувањето. Восхитен од таа глетка св. апостол Петар извикал, „Господи, добро е да бидеме овде и ако сакаш да направиме тука три сеници: една за тебе, една за Мојсеј и една за Илија“. (Мат. 17, 4). Тогаш, уште додека Петар зборувал, старозаветните пророци исчезнале, а нив ги прекрил светол облак, и од облакот се слушнал глас: „Ова е мојот возљубен Син, во кого е мојата волја; него послушајте го!“ (Мат. 17, 5). Тројцата апостоли паднале на земјата, а Исус ги допрел и им рекол: „Станете и не бојте се!“ Кога станале не виделе ништо освен Исус онаков каков што бил пред преобразувањето. Тогаш Исус пак им рекол: „Никому не кажувајте што видовте додека Синот Човечки не воскресне од мртвите“. (Мат. 17, 9) Се поставуваат уште неколку прашања во врска со овој настан од животот на Исус на земјата. Зошто преображението е изведено ноќе, зошто тоа е направено на рид, а не во некоја долина и зошто тука се појавиле старозаветните пророци Мојсеј и Илија? Прво Преображението е изведено ноќе затоа што ноќта е попогодна за молитва од денот, потоа ридот е избран затоа што симболизира труд, човекот треба да вложи труд за да се искачи на висина, а висината ја симболизира и висината на нашите мисли т.е. богомислието. И уште нешто: „Во старата епоха било обичај сите големи настани да се случуваат на повисоко место, на високи планини, како што правеле и идолопоклониците, коишто на планини ги принесувале своите жртви. Христос го покажжува величието на Својата слава на гората Тавор, бидејќи објавувањето на обожувањето на човечката порирода е најголем настан во историјата на човештвото“. И уште тука се појавиле Мојсеј и Илија затоа што постоеле некои зборувања дека Исус е некој од пророците Илија или Еремија. Вака тој се претставил како цар на пророците, а Илија и Мојсеј како негови слуги. На ридот Тавор, Исус ја покажал својата Божествена природа, а тоа требало да им послужи на учениците за потсилување на вербата во деновите на неговите страдања.

Во спомен на овој настан, Светата црква го востановила празникот Преображение Господово што се празнува секоја година на 19/6 август, за време на Богородичините пости, пред празникот Успение на Пресв. Богородица (Голема Богородица.)

На иконите, овој настан е претставен така што Исус стои на врвот на планината во бела облека, од десната страна е пророкот Мојсеј со таблицата со законите, а од левата страна пророкот Илија. Долу се апостолите паднати ничкум, а со рацете ги заштитуваат очите од силната светлина што зрачи од Исуса.

Треба да се истакне и тоа дека Преображението Христово на планината Тавор се случи непосредно пред неговите страдања. Според некои овој настан се случил точно четириесет дена пред да пострада, односно пред да биде распнат. Впрочем, целта на Преображението беше да се утврдат учениците во верата дека Он е Синот Божји и да не се поколебаат од тоа што ќе го видат во тие денови. Според ова тврдење и Преображението треба да се празнува заедно со Велигден или непосредно пред него. Но бидејќи тоа време се совпаѓа со Велигденските пости кога не се празнува торжествено, празникот е пренесен на 6 август (с.с.) Овој датум не е случаен, бидејќи е четириесет дена пред празникот на Воздигањето на чесниот крст (14 септември) којшто е како Велики Петок.

Зборот значи менување на формата. И Христос во тој момент ја промени формата со одредена цел. „Христос во тој час се преобрази, но при тоа не прими ништо што го немаше, ниту се претвори во нешто што не беше, туку на своите ученици им го објави тоа што Он е. Всушност, кога зборуваме за преображение, мислиме на тоа дека ја покажа славата на Своето Божество, што го држеше невидливо во видливото тело, бидејќи луѓето не можеа да се соочат со тоа.“

Според народното верување тогаш за прв пат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.

Во народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник. Поради заладувањето на времето се верува дека на тој ден се преобразува природата. Лисјето на дрвјата почнуваат да венеат, а и водата станува студена поради што на Преображение луѓето за последен пат се бањаат во реките.

Марко Цепенков забележал дека до Преображение нефела да се јадит грозје дури не се пеит од попот и дури не раздаиш по комшии. Ова верување во врска со зајадувањето грозје во Скопје го запишал и К. Шапкарев: „До Преображение никој грозје не јаде како и во Охрид. Тогаш ќе однесат в црква и откако ќе го чита свештеникот со молитва слободно е за секого да јаде грозје“. И во Кумановско на овој ден прв пат во годината се берело и јадело грозје. Рано наутро се одело во лозјето каде се береле неколку убави гроздови кои се носеле во црквата да се „очати“, а потоа се раздавало за да се роди повеќе. Во Гевлелиско, како што запишал Стефан Тановиќ, уште спроти празникот децата ги миеле кошниците, зашто било обичај секој да оди во своето лозје и да набере грозје. Вечерта спроти празникот жените оделе во црквата каде што носеле варена пченица и литургија, а утрото на самиот празник пак оделе во црквата и носеле варена пченица и грозје „поп да гу пеје“. И овде се верувало дека пред празникот не треба да се јаде грозје и друг емиш, зашто е греота, а по празникот откако ќе се отпее од свештеникот може да се јаде.

Со Преображение е поврзано и верувањето дека ноќта спроти празникот небото се отворало како на Богојавление, се јавувал Бог и на сите што будни ќе го пречекаат тој миг им ги исполнувал желбите. Кон неколкуте приказни што раскажуваат за случки поврзани со тоа верување, слушани од баба му Арса Стрезова, К. Шапкарев го запишал и следново верување: „Веруваат дека на Преображење Господне или ноќта спроти 6 август, а како што велат други спроти Водици, секоја година се отворало небото и тога се поклонвеле дрвјата со врвовите до земја. Во тој момент кога ќе бидело небото отворено, шчо да посакал чоек од Бога, Господ ќе му даел. За докажвање вервањето оти је вистинско, простијот народ прикажвит некој приказни, и и вервит како сосем вистински“.

Во врска со овој празник Д. Матов забележал дека во Велес се верувало оти „ноќта спроти Преображење се јавуе на небото Божја врата, се отвора небото, сам Господ се јавуе. Кој шчо је праф човек, може да је види Божја врата и, шчо да посака, му дава Госпот, ама вратата стои малку време отворена. За това мајките им викаат на децата да не спијат и да чекајат да ја видат Божја врата. Им прикажујат и приказната за тој шчо рекол: „Дај ми, Боже еден шиник глава“, место да рече: „Дај ми Боже еден шиник пари“ – и шчо му пораснала главата колку еден шиник та не можел да си ја извре главата од пармаклците, дури не ѓи искршиле“.

Интересни верувања од Охрид поврзани со овој ден забележал Ефтим Спространов.  Тој сведочи дека спроти празникот „Преобр’же’јне се отворало небото и било светло како оган“. Спространов, исто така, ги споменува верувањата за поклонувањето на дрвјата и за исполнувањето на желбите од страна на Господ и посебно укажува на приказната за тој што наместо осмак пари посакал осмак глава и за некој човек што го врзал телето за некое дрво кое во тој миг било наведнато па утрото го нашол обесено на врвот. Е. Спространов, уште забележал дека на овој ден во Студенчишта кај Охрид се собирале штрковите пред да заминат во потоплите краишта. „На Преобржејне си одет штркојте и ластојците. К’де Студенчишта се берет со стотини околу еден црн штрк, дури ќа поцрнит полето. Неколку дена викет, кревет ѓурултија после ќе летнит црнијот штрк и сите по него ќе летнет. Црнијот штрк како цар да им је, како војвода“.

Очигледно празникот Преображение на Господ Исус Христос има длабока смисла во животот на нашиот народ. Еден важен период од годината кога и времето се преобразува, заладува и тргнува кон есента оставало впечаток и во свеста на нашиот народ па така нашло место и во неговите верувања и во народните умотворби.

Тропар

Свето Преображение на Господа Христа

Христе Боже, си се преобразил на планината, покажувајќи им ја на Твоите ученици славата Твоја, колку што можеа (да видат). По молитвите на Богородица и на грешните да нè осветли Твојата вечна светлина. Слава Тебе, Дарителу на Светлината.

Подготви Марко Китевски

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

error: Содржината е заштитена со авторски права.