Следи нѐ
To Top

Уште две недели возење со хартиени билети – ЈСП од 1 септември со целосна имплементација на „Скопска“

Нема да се одложи системот за електронска наплата во државните и приватните автобуси. Градот Скопје и ЈСП се подготвени во целост за имплементација на користењето на персонализираните и неперсонализираните електронски картички, пренесува Скопјеинфо.

Ова е ставот на градските власти, на само неколку дена пред истекот на рокот за стариот начин на плаќање во градскиот превоз. Во градскиот превоз веќе се вклучени апаратите за електронски билети, додека во приватните автобуси трае процесот на инсталација на потребната опрема.

Граѓаните од пред неколку дена не можат веќе од билетарниците да купат билет за десет возења. ЈСП ги повлече од продажба хартиените автобуски билети за десет возења, неколку дена пред целосната имплементација на системот за електронска наплата. Граѓаните што сѐ уште имаат хартиени билети ќе мора да ги искористат најдоцна до први септември, кога почнува и електронската наплата. Освен со електронска картичка, патниците ќе може да плаќаат во автобусите и со мобилен телефон.

А тука е и опцијата плаќање билет на возачот. Валидацијата со мобилен телефон ќе се врши преку т.н. пренос на податоци преку звучна комуникација меѓу мобилниот телефон и валидаторот, а плаќањето е со вртење на бесплатниот телефонски број 185. Со вртење на бројот и приближување на телефонот до валидаторот, апаратот дава потврда за плаќањето. Плаќањето преку мобилен телефон е за пет односно десет денари поскапо. Така, плаќањето со мобилен ќе чини 40 денари со ДДВ наспроти цената на едно возење со електронска картичка, која е 35 денари. Цената на ноќниот билет пак ќе биде 50 денари, наспроти 40 денари, колку што ќе чини ако плаќањето се врши со електронска картичка. Опцијата за плаќање преку мобилен телефон ќе важи само за едно возење. Граѓаните што нема да извадат електронска картичка сепак ќе може да платат кај возачот, но тој нема да дава билети како досегашните, туку ќе издава фискална сметка. Цената на едно возење во автобусите на ЈСП и во приватните автобуси ќе чини 35 денари.

Инаку, припејд картичките ќе може да се дополнуваат на повеќе продажни места и три самостојни автомати наменети за таа цел. Дополнувањето ќе може да се врши и преку веб-апликација. Ако се дополнува парично електронски, тогаш едно возење во автобусот ќе се наплаќа 35 денари. Персонализирана картичка, покрај сѐ што може да се користи на неперсонализираната, овозможува користење и месечни билети, три месечни и сезонски билети, како и контрола на трансакции преку веб-апликација.

Цените за месечните и годишните остануваат исти како и досега. Без промена се и цените на ученичките, студентските и пензионерските билети.

 

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

error: Содржината е заштитена со авторски права.