Следи нѐ
To Top

Избори на 11 декември, во петок техничка влада

Изборите ќе се одржат на 11 декември. Договорот вечерва во Клубот на пратениците го потпишаа лидерите на четирите најголеми политички партии. 

Владата која ќе ги организира изборите треба да биде избрана на 2 септември согласно договорот од 20 јули годинава. Во преодната влада опозицијата треба да ги добие министерските места во секторите внатрешни работи и труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство.

Нов уредник на информативната програма на МТВ ќе биде Санта Аргирова чиј мандат ќе започне од 2 септември и ќе трае до крајот на изборниот процес.

На лидерската средба е договорено и Љуљзим Хазими да биде петтиот член на Привремената комисија за следење на медиумското претставување, која исто така ќе работи до крајот на изборите.

Груевски: Задоволен сум што СДСМ веќе не може да ги избегнува изборите

Задоволен сум што конечно на некој начин успеавме СДСМ да го доведеме во ситуација веќе да не може да ги избегнува изборите, да не може да вади нови изговори и алиби, затоа што се што имаа да кажат, на се се одговори, на се се даде одговор и за се се постигна некаква согласност, односно им се одговори на нивните барања, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по завршувањето на лидерската средба.

– Направивме многу чекори со цел да ги доведеме СДСМ во ситуација да не можат повеќе да ги одложуваат изборите, да нема каде да бегаат, да мора да се соочат со народот и да му овозможат на народот да излезе на гласање и да си го каже својот збор. Точно знам дека народот на изборите ќе го казни ова дејствување и работење и сето она што и го направи СДСМ на Македонија во изминатите година и половина, рече Груевски.

Тој оцени дека е добро што денеска СДСМ ја потпишале изјавата со која потврдуваат дека ќе излезат на избори на 11 декември, иако, како што рече, секогаш после сето она што го направиле во изминатите месеци и двете одлагања што се случиле, секој потпис и збор на СДСМ го гледа со резерва затоа што никогаш не може да се знае што во меѓувреме ќе направат.

– Денеска на се добија одговор, се им беше удоволено и мораа да ја потпишат изјавата и да излезат на избори каде што народот ќе го има главниот збор. Ние сакаме да дојдеме до ситуација каде што народот ќе го има главниот збор. Ниту Зоран Заев, ниту Никола Груевски, ниту еден, или друг или трет, туку сите граѓани на РМ. Тие гледаа, слушаа, ценеа, видоа се што се случуваше во овие две години и видоа кој за што и како работи, гледаат кој се бори за државата, кој работи да се создадат дела, да се создадат работи, да се отворат нови работни места, да се донесат инвестиции, кој пак работи да се направи деструкција, кој работи во правец на правење или продолжување на кризи, рече Груевски.

На 11 декември, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, народот ќе излезе и ќе го каже своето мислење, односно која политичка опција сакаат да ја води Македонија во иднина. – Политичка опција што прави кризи, политичка опција која што прави деструкција или, пак, политичка опција која што отвора нови работни места, го развива здравството, образованието и којашто им дава перспектива на луѓето и на државата, нагласи Груевски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Груевски рече дека во следните 100 дена очекува од СДСМ да ја користат познатата реторика од минатите избори.

– Пред секои избори нешто се закануваат, нешто предупредуваат, даваат на знаење, кажуваат колку и како ќе победат итн. Тоа сте го гледале на сите избори досега и тоа ќе го гледате и наредните 100 дена. Ќе ни се закануваат и ќе не заплашуваат, ќе не предупредуваат и ќе кажуваат дека цел народ ќе гласа за нив, дека ќе ја ослободат Македонија. Се и сешто ќе се изнаслушаме во наредните 100 дена. Но, народот е свесен, доволно е зрел да оцени кој политички тим, кое политичко водство е позрело и поспособно да ја води државата понатаму, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

gruevski

Заев: На 11 декември ќе се одлучува судбината на многу следни генерации

На 11 декември нема да ја одлучуваме само судбината на нашата генерација, туку и на многу следни генерации. Овие избори се референдум на кој граѓаните ќе бираат дали сакаат да живеат во осиромашена и криминална држава или во богата и правна држава, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев по потпишувањето на договорот со кој четирите најголеми партии се обврзаа да се одржат вонредни парламентарни избори на 11 декември.

– Се изборивме граѓаните на Македонија на 11 декември да може слободно да гласаат. Времето на изборно насилство и фалсификување на слободната волја на граѓаните заврши. На 11 декември ќе ги поразиме сиромаштијата, криминалот, корупцијата, етничките поделби, омразата, партизацијата на институциите, хајките, нарачаните судски процеси и мафијата. Мора да ставиме крај и на иселувањето на младите луѓе и на опустошувањето на земјата, изјави Заев.

Тој нагласи дека 11 декември доаѓаат, како што рече, промените и новата иднина за граѓаните.

– Го предупредуваме ВМРО-ДПМНЕ да не помислуваат повторно  да го прекршат договореното и повторно да ја заложат Македонија. На секое ново прекршување на Договорот од Пржино, а посебно на уривањето на Специјалното јавно обвинителство, СДСМ жестоко ќе одговори, рече Заев.

Прашан зошто прифатиле само делумен исчекор во делот на медиумите, Заев рече дека биле исправени пред одлуката дали да ја чекаат правдата до крај или да се решат да одат на избори за да не се раздолжува кризата.

– Токму заради тоа прифативме еден исчекор само во делот на медиумите. Нашите ставови се јасни. Во првите сто дена како победнички претставници на граѓаните ќе го гласаме во Парламентот законот предложен од меѓународната заедница преку Питер Ванхојте, односно Здружението на новинари на Македонија. Ќе продолжиме во првите шест месеци да ги реализираме сите реформски приоритети, како и сите забелешки односно сугестии, приоритети од Извештајот на Прибе, рече Заев.

zaev

Ахмети: Ова е голем ден за Македонија

Ова е голем ден за Македонија. На крај сите парламентарни партии постигнаа договор дека се исполнети сите услови за организирање на фер, демократски и слободни избори, изјави вечерва лидерот на ДУИ, Али Ахмети по завршувањето на лидерската средба во Клубот на пратениците.

Тој истакна дека е договорено од 2 септември да почне почитувањето на сите рокови што се пропишани во договорот.

Прашан зошто Сефер Тахири не бил прифатлив за член на ад-хок комисијата за медиуми, Ахмети рече дека не се разговарало за имиња и оти за се што разговарале е напишано во договорот.

ahmeti

Тачи: Добро е што е потпишан договор за фер и демократски избори

Лидерот на ДПА Мендух Тачи вечерва по завршувањето на лидерската средба изјави дека е добро тоа што е потпишан договор за фер и демократски избори на 11 декември.

– Но, поважно ќе биде ако партиите што ќе ја сочинуваат владата од задутре дадат голем придонес тоа да се случи и на терен. ДПА ќе продолжи да се однесува конструктивно, а главна надеж и гаранција за нас останува меѓународниот фактор – САД, ЕУ и другите институции кои ќе ги набљудуваат изборите во Македонија, изјави лидерот на ДПА.

taci

Бејли: Изборите ќе бидат важен чекор за решавање на политичката криза

Меѓународната заедница е горда што успеа да им помогне на лидерите да се договорат на 11 декември да се одржат предвремените парламентарни избори. Веруваме дека тоа ќе биде важен чекор за решавање на политичката криза во земјата, порача американскиот амбасадор Џес Бејли по потпишувањето на договорот.

– Ќе направиме се што можеме во неделите и месеците кои што следат да се осигураме дека ќе има кредибилни избори кои ќе ги исполнуваат условите и кои ќе им овозможат на граѓаните без заплашување слободно да гласаат. Она што е најважно е тоа што партиите, медиумите, граѓаните ќе направат. Тоа се оние одлуки коишто на крајот ќе ја доведат земјата до кредибилни избори и ќе овозможат државата да оди напред во реформи коишто ќе доведат до евроатлантски интеграции. Тоа ќе биде критичната точка која што ќе се случи. Медиумите ќе имаат важна улога во тоа, истакна Бејли.

Прашан што ќе се случи ако партиите го прекршат договорот, Бејли рече дека партиите се договориле и оти тие ќе одлучат дали ќе има или не избори.

– Бидете сигурни дека изборите ќе се одржат на 11 декември, бидејќи партиите се договорија. Четирите лидери на партиите се договорија, условите се тука, така што сега не гледам проблем. Значи изборите ќе се одржат, рече Бејли.

На прашањето дали ЕУ и САД гласно ќе укажат, доколку биде прекршен договорот која е партијата што го направила тоа, американскиот амбасадор рече дека секогаш проценуваат како ќе се одвиваат изборите.

– Во секој изборен процес во оваа земја, меѓународната заедница и нашите институции секогаш велиме дека ќе ги проценуваме изборите како ќе се одвиваат. Но, на крајот на денот она што е најважно е што мислат граѓаните. Дали тие им веруваат на изборите, дали ќе доведат до фер резултат, дали се исполнети критериумите во коишто граѓаните веруваат. Тоа е најважно за граѓаните на оваа земја, порача Бејли.

Лукаш Мелка од Делегацијата на ЕУ во Македонија рече дека одлуката за одржување избори на 11 декември покажува оти има политичка волја за да се придвижи земјата напред.

– Сега останува на партиите да осигураат дека граѓаните ќе имаат слободен избор во кредибилни избори и секако дека сите наводи за било какви неправилности во текот на изборниот процес ќе бидат соодветно третирани од релевантните институции и од самите партии, рече Мелка.

Медиуми, додаде, имаат многу важна улога да обезбедат баласирано и фер известување за граѓаните да бидат најдобро информирани за нивниот сопствен избор.

bejli

Хан и Могерини го поздравија конечниот договор за одржување избори во Македонија

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, заедно со еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, вечерва со заедничко соопштение го поздравија договорот што во Скопје го постигнаа лидерите на четирите најголеми политички партии со што и дефинитивно е договорено одржување на предвремени парламентарни избори на 11-ти декември во земјата.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Могерини и Хан ги повикаа лидерите на четирите партии Никола Груевски, Зоран Заев, Мендух Тачи и Али Ахмети, кои го потпишаа договорот, „строго да ја почитуваат веродостојноста на изборниот процес“.

– Го поздравуваме фактот што лидерите на четирите најголеми политички партии донесоа голем број на важни одлуки за напредок во спроведувањето на политичкиот договор од минатата година, вклучувајќи поставување на датумот за одржување на предвремените парламентарни избори на 11 декември. Апелираме до сите политички партии строго да ја почитуваат веродостојноста на изборниот процес, за да им се овозможи на сите граѓани слободен избор и, по изборите, да се изгради влада која ќе се справи со клучните реформи и ќе работи за интересите на сите граѓани. Во иста насока, сите политички сили треба итно да ги обноват нивните напори за спроведување на остатокот од политичкиот договор, вклучувајќи ги и Итните реформски приоритети ,се наведува во соопштението.

На крајот во нивното писмено обраќање по повод договорот за излез од политичката криза во Република Македонија, Федерика Могерини и Јоханес Хан порачауваат дека „Европската унија ќе продолжи со својата поддршка на процесот и ќе и помогне на земјата да се врати на својот евроатлантски пат“.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

error: Содржината е заштитена со авторски права.