Следи нѐ
To Top

Победа на младите македонски фудбалери над Шкотска

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година ја продолжи серијата победи на гостински терен и по триумфите над Северна Ирска и Украина синоќа беше совладана и Шкотска со 1:0.

Со овој триумф, Македонија се проби на второто место во групата со ист број бодови како и Исланд, но и со натпревар повеќе. Со евентуални две победи на домашен терен во последните две кола нашата млада репрезентација ќе биде пласирана на едно од првите две места.

По стартната иницијатива на Шкотска, нашите фудбалери од првата посериозна шанса поведоа, а стрелец на голот беше Кире Маркоски во 18.минута. Избраниците на селекторот Благоја Милевски имаа целосна контрола на играта се до 34.минута кога поради повреда мораше да излезе Бесир Демири. Противникот стана равноправен и во неколку наврати опасно го загрози нашиот гол, но голманот Игор Алексовски одлично бранеше и спречи израмнување.

Поради повреда во 53.минута од игра излезе и Давид Бабунски, но проблемите за македонските фудбалери се зголемија кога играчот од одбраната Егзон Бејтулаи во 69.минута доби црвен картон.

Играчите на Шкотска најопасно се заканија неколку минути подоцна, кога ја погодија стативата. При таа интервенција нашиот голман Алексовски се повреди, а мораше да остане на теренот бидејќи селекторот Милевски веќе направи три измени. Возбудувањата продолжија и во судиското надополнување на вториот дел. Во 90+4 минута се затресе мрежата на Македонија, но поради фаул над голманот Алексовски голот беше поништен. Две минути подоцна во една мешаница Оливер Мек Бруни играше со рака, судијата Ричард Сбрагија од Романија покажа пенал, но на интервенција на помошникот досуди слободен удар за Македонија.

На другите два дуела од групата 3 од квалификациите за Европското првенство во Полска 2017, Украина во последните минути постигна гол против Франција и победи со 1:0, додека Исланд истотака со погодок во финишот ја совлада Северна Ирска со 1:0.

Табела: Исланд 15 бодови (7 натпревари), Македонија 15 (8), Франција 14 (8), Шкотска 8 (7), Украина 7 (7), Северна Ирска 1 (7).

До крајот на квалификациите Македонија игра уште два натпревара на домашен терен со Северна Ирска во вторник на 6.септември на Националната Арена „Филип Втори“ и со Шкотска на 8.октомври.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Спорт

error: Содржината е заштитена со авторски права.