Следи нѐ
To Top

„Ослободување на Скопје“ на Раде Шербеџија вечерва премиерно на „Браќа Манаки“

Филмот „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија и на Данило Шербеџија, вечерва ќе биде премиерно прикажан во Центарот за култура во Битола во 20 часот, каде започнува 37. издание на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ .

Се работи за македонско-хрватско-финска копродукција. На утрешната свеченост на отварањето на црвениот килим ќе продефилираат Раде Шербеџија, харизматичмните Луција Шербеџија и Силвија Стојановска, актерите Мико Ноусаинен, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски, Јари Вирман, Дејан Лилиќ, Денис Абдула, Аксел Мехмед.

А во Битола, на црвениот килим ќе прошета и младиот талент, 11-годишниот Давид Тодосовски, кој дебитира во главна улога во овој филм.

-Филмот „Ослободување на Скопје“ е мој сон. Тоа е најдобро напишан драмски текст на просторот на некогашна Југославија, чиј автор е Душан Јовановиќ, а во која и јас играв. Со неа имавме голем успех низ целата земја. Едноставно, приказната е фантастична. Цело време размислував, додека живеев во САД, како да направиме филм од таа претстава, која имаше успех и во светот. Тоа е неверојатна приказна за Македонија, за менталитетот, за музиката, карактерите на луѓето, за љубовта – вели Шербеџија, кој сценариото за филмот го напишал пред девет години.

На свеченото отворање на фестивалот, на Оскаровецот Џон Сил ќе му биде врачена Златна Камера 300 за животно дело, а писмо од Роби Милер, ќе прочита Клер Пијман, негова соработничка и авторка на документарен филм за него. На Милер, кој не може да пристигне во Битола од здравствени причини, Златната камера 300 за животно дело, директорот Благоја Куновски и Гена Теодосиевска, уметничкиот директор на фестивалот, му ја врачија во Амстердам на отворањето на големата ретроспективна изложба посветена на неговата работа.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.