Следи нѐ
To Top

Доделени наградите на затворањето на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола (ФОТО)

Кинематограферот од Финска, Јани Петери Паси  е годинашен лауреат, добитник на златна „Камера 300“ кој ја имаше камерата во свои раце во филмот „Најсреќниот ден во животот на Оли Маки“.

Меѓународното стручно жири предводено од Федон Папамихаил и членовите Клер Пијман, Владимир Самоиловски, Алин Ташчијан и Ѓокан Тирјаки соопштија дека кинематограферот Петери Паси создава една автентична и лирична атмосфера која ја обзема публиката и го доловува духот на времето и уникатното искуство на главникот лик и затоа е добитник на најголемото фестивалско признание.

-Дали сте сигурни дека нема да ми ја земете? На церемонијата на отварањето сведочев на перформанс каде што девојка со митралез покажуваше кон публиката. Тоа беше многу чудно, но уште почудно е тоа што јас добивам награда, истакна Паси на синоќешната свеченост во Битола.

<
>

Добитник на наградата сребрена „Камера 300“ е Рубен Импенс од Белгија за  филмот „Белџика“ кој на сцената во Битола рече -сакам да ги снимам луѓето на сцена, и навистина е тешко кога јас сум на сцената. Сакам да се заблагодарам на режисерот на „Белџика“ со кого сум добар пријател и посакувам Битола да направи аеродром, за патот до Фестивалот да биде пократок нагласи Импенс.

Со одлука на жирито бронзената „Камера 300“ годинава му беше доделена на кинематограферот Матијас Троелструп од Данска, за филмот „Бенг генг (Модерна љубовна приказна)“. Троелструп се заблагодари за можноста да учествува на фестивалот, како и на жирито што му ја додели наградата.

– Благодарам што ме поканивте на ова прекрасно место на кое што не сум бил претходно. Среќен сум што бев дел од тимот на филмот иако не сум од Франција, посочи кинематограферот Троелструп.

Според востановената традиција, ИФФК „Браќа Манаки“ додели и награда Мала „Камера 300“ за која се натпреваруваат кинематографери на кратки филмови, а годинешен добитник е французинот Лука Коасин за филмот „Паркот“.

Синоќа на сцената во битолскиот Центар за култура најемотивен беше кинематограферот Федон Папамихаил кој ја доби наградата златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност. Папамихаил емотивно и низ солзи се заблагодари за наградата и истакна дека уметноста е таа што ги надминува сите пречки.

– Според моето име може да забележите дека сум од Балканот, а тоа значи дека споделуваме заедничка историја.  Нашата уникатна можност како кинематографери и уметници е тоа што можеме да ги премостуваме границите по пат на визуелно раскажување на приказни и на тој начин може да ги победиме сите пречки што ќе ни се појават на патот, рече Папамихаил и им се заблагодари на сите свои соработници, на жирито, како и на директорот на фестивалот што го покани во Битола.

На синоќешното свечено затворање публиката поздрави уште еден лауреат, годинешниот добитник на наградата „Голема Ѕвезда“ за исклучителни резултати во македонската кинематографија која му припадна на британскиот филмскиот продуцент Сајмон Пери.

-Ви благодарам, навистина сум почестен. За разлика од Федон, не можам да тврдам дека сум од Балканот, но се сеќавам дека по една прес конференција некој ми рече „Мислам дека сте од Македонија, имате големи стапала!“. Јас сум продуцирал и копродуцирал филмови во многу земји, но благодарение на Милчо Манчевски интензивно се заинтересирав за филмовите кои се создаваат во овој дел од светот и тој интерес со текот на времето стануваше се поинтензивен. Кога и да дојдам се чувствувам како дома и навистина ми претставува голема чест и задоволство да добијам награда од луѓето во овој дел од Европа, истакна Пери.

По доделувањето на наградите, а пред проекцијата на филмот „Златната петорка“, директорот на фестивалот, Благоја Куновски-Доре го затвори 37. издание на фестивалот, искажувајќи задоволство од програмата и можноста великани на кинематографијата да учествуваат на фестивалот.

– Секој би посакал крај на фестивал со тројца лауреати во жирито, кои ниту поголеми фестивали не успеваат да ги имаат. Фестивалите се прават за публиката. Вие сте таа публика која ја имаше привилегијата да ги види емоциите на добитниците на наградите, горди дека се дел од овој фестивал, истакна Куновски за кого беа неприфатливи реакциите околу откажувањето на перформансот претходно планиран за свеченото затворање на фестивалот.

Во чест на наградените, синоќа во Битола се одржа гала премиера на филмот „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски, а по проекцијата екипата на филмот се поклонија пред публиката во овој град.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.