Следи нѐ
To Top

Јанева ја напушти Комисијата за политички систем

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева попладнево ја напушти седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците изјавувајќи дека ќе дојде само на Пленарната седница на која ќе биде разгледуван Извештајот за работата на Специјалното јавно обвинителство.

Јанева рече дека не се враќа повеќе на седницата бидејќи пратениците и прават класичен мобинг.

Претходно искористувајќи ја можноста како одговор на прашањата на пратеничката Владанка Авировиќ, обвинителката испрати пораки до Врховниот суд, до Судскиот совет и до Јавнообвинителскиот совет.

– Што се однесува до тоа кој, како и на кој начин прислушкувал во Република Македонија треба да почне предметот „Пуч“. Многу ми е мило што се разбудија од кома некои институции во Република Македонија како Врховниот суд, Судскиот совет и Јавнообвинителскиот совет бидејќи откако постои СЈО воопшто ги немаше, сега кога ги повикав со моите изјави се појавија со некои ставови и мислења, рече Јанева.

Таа ја праша претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова колку време и треба да одлучи по иницијативата на СЈО во однос на барањето за заштита на законитоста за лицето Едмонд Темелко. Судскиот совет, пак, го прашав во кој период ќе ја испита работата на Кривичниот суд Скопје  во однос на судењето во разумен рок за случаите „Пуч“ и за другите предмети.

– Јавнообвинителскиот совет го прашувам да објасни согласно кој член од кој закон одлучува кој се предметите кои му ги доставува Јавното обвинителство на Република Македонија, а кои по службена должност ги бара СЈО, рече Јанева.

Овие институции кои, како што кажа, го омаловажуваат СЈО, во името на Уставот и Законот Јанева рече дека таа и нејзиниот тим  ќе се изборат со сите опструкции.

-Ќе се потрудиме да се врати довербата во институциите на граѓаните на Република Македонија, рече Јанева.

Таа потврди дека во незаконски стекнатите прислушувани материјали има разговори на бизнисмени, но, рече дека се уште се истражува дали и како се тие прислушувани.

Во однос на вработувањата потврди дека лично одлучува кој ќе биде вработен, но оти притоа водела сметка за правичната застапеност и стручноста и компетентноста. Во однос на луѓето кои се ангажирани во СЈО, обвинителката рече дека ниту еден не сакал паричен надомест, но оти таа инсистирала нанапред поради чинот на доверливост и поради фактот што, според неа, секој треба да биде платен за својата работа.

Јанева меѓу другото одговарајќи на прашањата на пратеничката Владанка Авировиќ, рече дека стои зад секој одговор што го дала во досегашниот тек на седницата. За Извештајот најави специјално обраќање на пленарната седница ако, како што кажа, „бидеме живи и здрави да ја дочекаме таа седница“.

Според Јанева, Извештајот е слика за шестмесечната работа на СЈО и ниту еден обвинител досега не го има брането на начин на којшто таа тоа го прави. Во однос на преслушаните материјали од незаконски прислушкуваните разговори, Јанева рече дека откако статистички биле попишани сите прислушувани материјали последните три месеци таа преслушала 12 проценти од нив, а другите обвинители работеле на јавно објавените разговори.

– Во изминатите два месеца наназад овие 12 проценти преслушани присклушувани разговори беа поделени на обвинителите во законска процедура согласно Законот за класифицирани податоци и ги преслушуваа и ги анализираа, појасни специјалниот обвинител.

Во однос на кривичните пријави за разговорите во кои се спомнуваат новинарот Драган Павловиќ Латас и пратеничката Ермира Мехмети се започнати постапки и се издадени наредби за да биде испитано од каде се овие разговори, дали потекнуваат од прислушкуваните разговори што се веќе во СЈО.

Јанева објаснувајќи го постапувањето по пријавите, рече дека домашни експерти односно вештаци одбиле да вршат вештачење на овие снимки, Јанева додаде дека вештаците кои одбиваат да вршат вакви вештачења според нашиот Закон не се казнуваат.

– Сега истите материјали и други во однос на прислушкуваните разговори кои ги имале ги пративме во странски институции за да се утврди автентичноста, односно дали се сечени, лепени, монтирани и автентичноста на гласот на лицата кои се на снимките, рече Јанева.

Пратеничката Владанка Авировиќ која зборуваше речиси час и половина на седницата на Комисијата и забележа на Јанева што наместо одговор на нејзините прашања, таа упатува пораки до институциите во РМ. Исто така, рече дека Јанева мора да даде одговор каде се потрошени средствата за кои нема образложение во Извештајот на СЈО и за неа е несфатливо како Јанева и нејзиниот тим работи на откривање на незаконски дејства од една страна, а од друга страна таа самата не е транспарентна и не покажува на кој начин се потрошени средствата што и се доделени од буџетот.

На почетокот на денешната седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците пратениците од ДУИ, СДСМ и ДПА изнесоа забелешки за работата на претседателот на Комисијата Влатко Ѓорчев. Нанапред поради неговиот петочен говор реагираа од ДУИ со став дека тој имал политички говор со националистичка реторика во кој покажал омраза кон Албанците, додека СДСМ сметаше дека долгите седници и расправии во изминатите неколку дена на Комисијата се поради начинот на којшто Ѓорчев ја води седницата.

За денеска беше најавена средба меѓу координаторите на пратеничките групи на која требаше да се утврди редоследот на дискусиите на пратениците за време на седницата на Комисијата по извештаите на Јанева за СЈО и на Марко Зврлевски за работата на Јавното обвинителство на Република Македонија.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Актуелно

error: Содржината е заштитена со авторски права.