Следи нѐ
To Top

ВИНО СКОП: Петдневна магија која го претвора Скопје во град со убава енергија

Десет години фестивалот Вино Скоп го пишува стартот на есента во Скопје. Убава музика со греано вино во ладните есенски ноќи се совршен начин да ги поминете фестивалските денови на Вино Скоп, кој годинава се одржува од 28-ми до 2-ри октомври на плоштадот „Мајка Тереза“ во Скопје.

За тоа дали на скопјани им стана традиција да го посетуваат фестивалот, што ќе можете да се напиете оваа година и многу повеќе ни одговори Тина Мицковска, дел од организацијата која напорно работи за фестивалот да биде беспрекорен.

– „Скопјани, но и сите други добронамерни патници и жители на Скопје го сметаат Вино Скоп за предвесник на есента. Од сите манифестации на кои работам сметам дека Вино Скоп е најградската, најомилената. Есента веднаш асоцира на гроздобери, на правење вино, веќе се заладува, па убаво е да се згрееме со две-три чаши добро македонско вино.  На овој фестивал редовно ги гледам најубавите, најнасмеаните луѓе во градот. Има некоја магија која овие пет фестивалски денови Скопје го претвора во град на убава енергија, некако забораваме на сите проблеми и максимално се опуштаме со најдобрите македонски вина.“ – вели Тина.

12049385_974126162651570_3546491334808476301_n

Годинава програмата на фестивалот е богата, а посетителите ќе можат да уживаат во повеќе музички жанрови – џез, блуз, фолк, рок, поп, танго, ирска музика, етно, шлагери…

– „Би можела да издвојам нешто по мој вкус, односно музика која јас сакам да ја слушам, но не би можела да одвојам некој од изведувачите посебно. Сите се квалитетни во жанрот кој го изведуваат, а мене лично најмногу ми се допаѓаат Брас Брадерс– енергичен бенд на дувачки инструменти, Бекдор Бенд– рокери што прават најдобра забава, Ефто Пупиновски, македонска фолк легенда, Ортодокс Келтс– мајстори за ирска музика… Секако тука се и Владо Јаневски, Миле Кузмановски, Куку Леле, Мики Јовановски Џафер, Јаков Дренковски, Ристо Самарџиев… Сите оставиле траен белег на македонската музичка сцена и навистина заслужуваат да бидат дел од сите македонски манифестации.“ – додава Мицковска.

Освен добрата музика, тука е и вкусната храна и виното –  ќе може да се дегустира вино од десет македонски винарии, но и вински коктели. Покрај виното ќе има македонски деликатеси: сирења, кашкавали, сувомеснати производи.

Мицковска вели дека сите винарии секоја година се трудат да ги промовираат своите новитети, најдобрите вина, но и оние кои им се по промотивни цени. Па така на Вино Скоп секогаш има вино за сечиј џеб. Понудата на вина се движи од 100 денари за флаша па нагоре, така да секој може да си дозволи барем по една чаша добро вино. Секако најзастапени се македонските сорти, но има понуда и за оние кои сакаат да пробаат нешто ново.

– „Трета година по ред имаме вински коктели- Сангрија, Вино Мохито, Вино Јагода, Бунар кои исто така се по прифатливи цени. Направени по оригинални рецепти и со многу овошје се вистинско освежување за сите кои не сакаат чисто вино.  Ги препорачувам на сите љубители на благи и освежителни пијачки.“ – кажува Тина.

12039352_973062196091300_191087629115371098_n

Бидејќи на фестивалот се промовира македонско вино и македонски деликатеси,  акцентот на музиката се става на македонската естрада, но секоја година има барем по неколку имиња од странство. Оваа година тоа се Ортодокс Келтс, ХитХат Блуз Трио и Амадеус Бенд. Тина потенцира дека во иднина би сакале да донесат и некои големи музички имиња подалеку од Балканот, но сето тоа зависи од финансиите. Се надеваат дека ќе се најде спонзор кој би платил некој светски пејач, па да можеме и тоа да го пишеме во биографијата на Вино Скоп. Сепак живееме во Македонија, правиме фестивал со бесплатен влез, па малку е потешко да се донесе толку звучно име.

Интересно е што оваа година фестивалот се поклопува со манифестацијата „Бела ноќ“, а тоа значи и продолжување на програмата на Вино Скоп. Убавината е во тоа што градот ќе биде буден во сабота, а ретко имаме толку добри настани на едно место. Тина истакнува дека програмата секако ќе се продолжи, но нека остане изненадување до викендот.

– „Ги поканувам сите читатели на Популарно.мк да дојдат на Вино Скоп и да го прославиме јубилејот, десет години постоење. Ветуваме добра забава, убаво вино и вкусни мезиња. Локацијата е совршена за настани од овој тип, па се надевам дека во иднина плоштадот Мајка Тереза каде што се одржува фестивалот ќе биде преполн со луѓе.“ – за крај додава Мицковска.

Па, драги читатели, се гледаме на Вино Скоп!

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.