Следи нѐ
To Top

Девет години без Тоше Проески

Македонија и Балканот денеска се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред девет години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб. 

Фановите на Тоше и годинава на 5 октомври го организираа  „Ѕвезденото небо“ со кое одбележаа и девет години од неговиот последен концерт, кој беше хуманитарен и во соработка со УСАИД наменет за подобрување на условите во образованието.

Македонската опера и балет деновиве објави повик за аудиција за талентирани изведувачи кои ќе учествуваат во мјузиклот „Тајно моја“ во чест на Тоше Проески. Повикот е отворен до 15 ноември.

Десет години од загинувањето на Тоше, што ќе бидат одбележани идната година, е годишнина внесена во државната Предлог-програма за одбележување значајни настани и истакнатаи личности во 2017 година, која наскоро треба да биде усвоена од Собранието на РМ. Носител на одбележувањето треба да биде НУ Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево.

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран  („The Hardest Thing“).

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004-та ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт го одржа на Градскиот стадион  на 5 октомври 2007.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.