Следи нѐ
To Top

Изиграни играчки…

Апсолутно негирање на новата компјутерска технологија е бесмислено колку и опсесивното и некритичко прифаќање на истото. Уште полошо е кога состојбата преоѓа во болест, во патологија или зависност, кога сме во состојба на идентификување со компјутерите, кога околу нив се врти нашето секојдневие!

Ако не можете ни во тоалет без вашиот смарт телефон , загрижувачка е вашата потреба да не го испуштите од раце фетишот на вашиот живот.

Човекот не успева секогаш да ја искористи технологијата пред таа да го искористи и исцрпи, да не стане нејзин роб и да не се престори во компјутерски програм. Компјутерот ги програмира децата уште од најрана возраст ( а треба да е обратно ) ги ограничува нивните можности за снаоѓање во просторот и природата, еден компјутерски „наштелуван“ ученик тешко се снаоѓа со шестар во рацете, со четка и боја низ раце, со старите добри игри на „уличка“ , со книгите од над 300 страници!

Замислете, порано во гимназија сме ги читале во едно полугодие епските романи на Толстој, а сме имале време и за спортски активности, музицирање, членување во безброј секции, играње џамлии и излегување по скопските кафулиња и дискотеки. Нашите деца немаат време ни за 300 страници во едно полугодие, затоа што времето го поминуваат сурфајќи по веб страниците и порталите, играјќи бизарни и агресивни компјутерски игри, а да не го спомнувам хејтерскиот имиџ на нашите фб профили – нашето олицетворение.

Процесот на учење е комплексен и сложен, составен од многу различни функции на креирање, создавање, паметење, развивање вештини, способности но и знаења базирани на размислување со своја глава, на различни искуства и различни творечки можности. Во спротивно , добиваме клонови, ученици играчки кои „играјќи“ се со компјутерот може да станат изиграни играчи неспособни да го фатат ритамот на животната игра во секојдневието.

Интернетот во себе ги обединува и најдоброто и најлошото, затоа треба внимателно со него, впрочем како и со луѓето, претераната опсесивна поврзаност доведува до болна разврска и „Титаникот“ на виртуелната пловидба може да потоне и покрај големата верба во него. Ќе завршам со мислата на генијалниот и често саркастичен Ајнштајн, како опомена за новата компјутерска генерација : „Стравувам дека ќе дојде денот кога технологијата ќе ги надрасне меѓучовечките односи. Тогаш светот ќе добие генерации на идиоти “.

Играјте шах, домино и „Не лути се човече“ со вашите деца, раскажувајте им приказни од вашата дијафрагма за да станат добри говорници со полни гради воздух, а не исцрпени изиграни играчки со издишани гради врз вжештената тастатура…

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Колумни

  • Читачка криза…

    Сѐ поблиску сме до неповратна загуба на читачката кондиција!

    Татјана Алексиќоктомври 18, 2016
  • Вистината како стока…

    Има ли цена и драгоценост вистинската информација во вистинско време? Отсекогаш, вистинската информација е најдрагоцената стока во меѓучовечките односи важна за...

    Татјана Алексиќоктомври 18, 2016
  • Љ-витамин, превенција за комплекси!

    Чувството на пониска вредност е отров кој перманентно не труе и не ни дозволува да им се противставиме на животните проблеми.

    Татјана Алексиќоктомври 18, 2016
error: Содржината е заштитена со авторски права.