Следи нѐ
To Top

Став и шарм во новата колекција на Елена Лука за есен-зима 2016/17 (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Индивидуалноста на секоја жена, нејзината потреба да биде своја, нејзиниот став и шарм, се бесконечната инспирација во креирањето на колекциите на Елена Лука. Моќната автентичност на брендот како огледало на уникатноста на секоја жена е основата на новата колекција наменета за сезоната есен-зима 2016/17 година.

Препознатливата дизајнерска естетика на Елена Лука, како што е богатата рачна доработка, изборот на квалитетни материјали, уникатниот финиш на секој дизајн, посветеноста на секој детаљ и впечатливите форми се основата на колекцијата. Акцентот е ставен токму на деталите меѓу кои како носечки се издвојуваат композициите од украсни камења и паспулите, кои ѝ даваат целина на линијата.

Формите на креациите варираат од такви што ја дефинираат елеганцијата на жената и нејзината силуета, па се до полежерни и опуштени кроеви, а парчињата меѓусебно може да се комбинираат.

Целата линија, во зависност од естетиката на парчињата, е поделена во три сегменти: спортска елеганција, коктел комбинации и свечени тоалети.

Колорната карта е базирана на неколку основни тонови: црвена, беж, црна, бела и тегет со комбинации на различни нијанси и текстури.

<
>

– „Имплементиравме неколку базични парчиња облека што ќе му дадат печат на стилот на секоја жена: коктел фустани што ја следат линијата на телото со голи рамена, кратки палтa со совршено дефинирани линии, тренди бомбер јакни, панталони со широк крој, сакоа со струкирана линија, здолништа во А крој, наметки, плетенини, како и макси, раскошни тоалети. Сигурна сум дека ова е колекција која ќе и даде печат на стилот на секоја дама, а за фотосесијата со која ја промовираме колекцијата соработувавме токму со дами кои имаат изграден стил и моќен став и јавноста ги препознава како такви: Снежана Богдановска-Сани, Емилија Розман и Мартина Михајловска. Беше задоволство да се соработува со нив и сигурна сум дека заокруживме еден одличен проект“, вели генералниот менаџер и сопственичка на брендот, Елена Пандева.

Со цел да ја заокружи својата приказна како моден бренд чиј дизајн е реплика на индивидуалноста на жената, за фотосесијата за промотивниот каталог Елена Лука направи кастинг со три прекрасни дами, секоја со своја препознатливост и автентично стилско ЈАС: Снежана Богдановска – Сани, Емилија Розман и Мартина Михајловска.

– „Во модниот свет во Македонија, максималната професионалност на Елена Лука според мене не може да се спореди со ничија друга. Елена Лука има еден принцип да создава една висока мода каде го знае правецот на трендот. И токму поради тоа се знаеше дека и оваа колекција есен-зима 2016/2017 ќе биде неверојатна. Ова е трета колекција како соработувам со Елена Лука, каде работевме со сериозна екипа, страшно добри професионалци и меѓу другото со одлична атмосфера“, вели убавата Мартина Михајловска за соработката со брендот.

Колекцијата ексклузивно од денеска (26 октомври, среда) е пуштена во продажба во ателјето на Елена Лука во Скопје, а наскоро ќе биде достапна во продажба и во изложбениот салон на Елена Лука во Струмица.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Магазин

error: Содржината е заштитена со авторски права.