Следи нѐ
To Top

Нов ограничен број на партер и фан-пит билети за Жан-Мишел Жар!

Радосна вест за сите фанови на Жан-Мишел Жар кои не успеаја да ги набават распродадените фан-пит и партер влезници: по огромниот број реакции од публиката и барања за овие билети за спектакуларното отворање на Таксират 18, од денес фан-пит и партер билетите се достапни во продажба со нова количина!

Станува збор за нов, мал контингент на билети кои на наше барање се одобрени од страна на менаџментот на Жан-Мишел Жар, но во строго лимитиран број. До концертот во Скопје кој ќе се одржи на 13 ноември остануваат уште две недели, што значи дека треба да бидете брзи.

Во продажба се сѐ уште блок и ВИП билетите, а цените за сите билети останува иста.

Генијалниот Жан-Мишел Жар кој е веќе 4 децении активен на светската сцена, гордо ја носи титулата пионер на елкетронската музика. Тој настапува прв пат во Македонија и тоа како дел од големата светска турнеја што ќе биде своевидно заокружување односно круна на проектот „Електроника“ – албум во два тома, првиот издаден лани, вториот годинава. Како што е најавено, покрај новите композиции, посетителите ќе имаат прилика да се потсетат и на старите фаворити од неговите класики „Оксижен“ и „Еквинокс“, а сето тоа придружено со незаборавно аудио-визуелно доживување преку совршениот спој на многубројните сценски ефекти што ја интегрираат најновата технологија на звук и светло.

Жан-Мишел Жар, покрај несомнените заслуги за етаблирањето и популаризацијата на електронската, амбиенталната и њу-ејџ музика, е основоположник и на мултимедијалните перформанси какви што ги знаеме денес. Истовремено, познат е и по тоа што го постави, а подоцна неколку пати го рушеше, сопствениот Гинисов рекорд за најголема посетеност на концерти на отворено, вклучувајќи го оној во Париз, пред 2,5-милионска публика, како и спектаклот во Москва, по повод 850-от роденден на градот, кадешто присуствуваа неверојатни 3.500.000 посетители.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.