Поврзи се со нас

Популарно.мк

Иванов му го честита на Трамп изборот за претседател на САД

Актуелно

Иванов му го честита на Трамп изборот за претседател на САД

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска упати честитка до Доналд Трамп по повод неговата победа на претседателските избори во Соединетите Американски Држави.

Иванов во честитката му посакува успех на Трамп во извршувањето на одговорната функција.

– Република Македонија придава исклучително значење на стратегиското партнерство со САД, а заложбата за негово натамошно зацврстување претставува посебен интерес за Македонија и за нејзините граѓани. Вие застанувате на чело на Вашата држава во време на безбедносни бури, глобални предизвици и непоредок. Овие предизвици неминовно се рефлектираат и на државите од регионот на Југоисточна Европа, вклучително и Република Македонија, вели Иванов во честитката.

Во нашите 25 години независност и сувереност, како што се наведува, Македонија долго време се соочува со неправедна и непринципиелна блокада на нашиот европски и евроатлантски пат.

– И како што на светот му треба поредок, така нам ни треба консолидирање на мирот, поголема стабилност, безбедност и демократија во регионот. За постигнување на овие цели потребна е интеграција на Македонија и целиот регион во НАТО и во Европската Унија, но и почитување на меѓународното право. За постигнување на овие цели посебно значајна е поддршката од САД, стои во честитката.

Иванов изразува уверување дека САД под лидерство на Трамп, ќе помогнат во исполнување на овие највисоки стратешки цели.

– Уверен сум дека во периодот што следи нашето стратегиско партнерство ќе биде унапредено и збогатено, за што уште еднаш Ви ја искажувам нашата целосна подготвеност. Сакам да Ве уверам дека Република Македонија, како докажан пријател и партнер на Вашата голема нација, ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот, се вели во честитката на претседателот Иванов.

Информативна Редакција

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.