Следи нѐ
To Top

ПРЕПОЛНА САЛА И СТОЕЧКИ ОВАЦИИ: „Монти Пајтон“ премиерно во Скопје (ФОТО)

Извонредното Пајтоновско шоу ја одбележа синоќа премиерата на бродвејскиот мјузикл МОНТИ ПАЈТОН СПАМАЛОТ во Македонска Опера и Балет, кој ексклузивно гостува во Скопје во рамки на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ.

Никола Којо, Никола Ѓуричко, Гордан Кичиќ, Срѓан Тимаров, Дејан Луткиќ и Јелена Јовичиќ, како и одличниот балетски ансамбл ја засмејуваа публиката речиси три часа.

Препознатливиот британски хумор, но и прилагодените локалните шеги, се менуваа со одлично осмислените танчерски точки и интеракција со публиката, кои заедно приредија извонредна атмсфера и го восхитија преполното, целосно распродадено гледалиште на МОБ.

<
>

Со врвна продукција која за прв пат ја гледаме на овие простори и екипа која брои повеќе од 100 луѓе, МОНТИ ПАЈТОН СПАМАЛОТ приреди досега невиден музичко-сценски спектакл, кој публиката постојано го поздравуваше со бурни аплаузи. А како што и прилега на Пајтоновците, посетителите, поркај урнебесниот хумор, одличната забава и пораката „секогаш да гледаат на ведрата страна од животот“, имаа прилика да уживаат и во острата сатира и автентичниот цинизам.

Многобројната публика со стоечки овации ги награди главните актери, а пред се’ НИКОЛА КОЈО, кој со улогата на Крал Артур по 20 години се враќа на театарската сцена, македонската публика овие денови има ексклузивна прилика да го погледне во оваа улога, бидејќи тој по гостувањето во Скопје повторно се повлекува од театарската игра и се посветува на филмското платно. Подеднакво восхитување предизвика и НИКОЛА ЃУРИЧКО кој пак прв пат игра во мјузикл. Еден од највозбудливите моменти беше секако и појавувањето на ДАРКО ПАНЧЕВ во улогата на Господ Бог, како изненадување посебно подготвено за изведбите во Скопје. Тој се појави на големиот видео-бим во анимација со духовити реплики со кои го советува Крал Артура во неговата потрага по Светиот Грал.

Проектот „Спамалот“ е единствен музичко-сценски спектакл и вистински театарски феномен кој за само пет години од поставувањето на бродвејскиот репертоар освои 2 милиони луѓе во 25 држави ширум светот. Оригиналната бродвејска продукција е направена во 2005 година, кога и „Спамалот“ веднаш ја доби „Тони“ наградата за најдобар мјузикл, како и уште две „Тони“ награди, Сара Рамирез за улогата на Дамата од Езерото и Мајкл Николс за најдобра режија на мјузикл. На тоа доделување, „Спамалот“ беше номиниран за вкупно 14 „Тони“ награди.

МОНТИ ПАЈТОН СПАМАЛОТ и целиот ансамбл остануваат во Скопје и наредните денови, со уште две изведби на најпопуларниот бродвејски мјузикл кои ќе се одржат вечерва (понеделник, 28-ми ноември) и утре (вторник, 29-ти ноември). За следните две изведби на театарскиот спектакл останати се само уште многу мал број на билети, кои се продаваат преку продажната мрежа на МКтикетс и во билетарницата на МОБ.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

error: Содржината е заштитена со авторски права.