//
Следи нѐ
To Top

МВР постапува по пријавите за изборни нерегуларности

Министерството за внатрешни работи веќе постапува по одредени пријави за изборни нерегуларности.

Како што соопшти полицијата, вчера во СВР Струмица, Г.К. (46) од Ново Село, струмичко, пријавил кривично дело „повреда на слобода на определување на избирачите“ од страна на лицата С.М. и П.Г. од истото село. Двајцата на 05.12.2016 година дошле во неговиот дом и му се заканувале дека ќе му ја укинат социјалната помош и дека ќе го убијат доколку не им ја даде личната карта. Тој се исплашил и им ја дал личната карта. За настанот се пожалил на познаник од Струмица, кој го упатил во СВР да го пријави случајот. Како што соопшти МВР, за настанот било запознато Основното јавно обвинителство Струмица, а СВР презема мерки за целосно расчистување на случајот.

реклама

Ноќеска на полноќ полициски службеници од Охрид, при обиколка на изборно место број 1.296, лоцирано во село Велестово, забележале дека не била заклучена десната влезна врата од трпезаријата од црквата „Пресвета Богородица“, каде се наоѓал избирачкиот материјал. На местото излегол претседателот на Избирачкиот одбор, кој кажал дека има клуч само од едната (лева) врата и дека при заминување не проверил дали десната врата е заклучена. По консултација со советникот од оперативниот штаб во МВР, на претседателот на Избирачкиот одбор му било укажано, доколку со членовите на избирачкиот одбор констатираат недостатоци или уништување на избирачки материјал веднаш да информираат за преземање понатамошни мерки.

Вчера полицијата во Демир Хисар, добила пријава од Д.Т. (25) во својство на долгорочен набљудувач од граѓанска асоцијација „ЦИВИЛ“ за кривично дело „поткуп при избори и гласање“ извршено истиот ден околу 17.00 часот во селската продавница во село Брезово. Имено, за глас даден за една политичка партија, на лицето М.С. од Демир Хисар, од страна на лицата Т.П. и Ј.К., му била понудена материјална корист во износ од 1.000 денари. Од истите лица бил прекршен изборниот молк со оставање партиски пропаганден материјал и торба пред влезот од куќата на Љ.К. во село Зашле, Демирхисарско. Преземени се мерки за целосно расчистување на случајот.

Како што соопшти МВР, полицијата во Кочани поднела кривична пријава против С.М. (28) и З.Б. (50), двајцата од село Тркање, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на слободата на определување на избирачите“. Имено, на почетокот на декември 2016 година, во повеќе наврати, со намера да ги спречат во вршењето на избирачкото право, на лицата М.М. и М.М. им нуделе по 1.000 денари, а за тие пари требало да гласаат за една политичка партија или да им ги дадат личните карти и да не излезат на гласање. Лицата биле приведени и при извршен претрес кај нив и во нивните возила, биле пронајдени повеќе списоци на лица со име и презиме и пари.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: