//
Следи нѐ
To Top

Најмалку 29 погинати и 166 ранети во двете синоќешни експлозии во Истанбул

Дваесет и девет лица погинаа, а 166 се ранети во двете синоќешни последователни експлозии во центарот на Истанбул, соопшти турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.

Министерот соопшти дека цел на нападите биле полицајци, а дека сите, освен двајца погинати, биле припадници на полицијата.

реклама

Десет лица се уапсени врз основа на податоците на детонираното возило, пренесуваат агенциите.

-Прво експлодирала автомобил-бомбата, а една минута подоцна се разнел бомбашот самоубиец, кажа министерот Сојлу, пренесуваат британските медиуми.

Според него, 17 повредени се наоѓаат во операциските сали, а уште шестмина се на интензивна нега.

Заменик премиерот Нуман Куртумлуш изјави дека бомбашот самоубиец се разнел 45 секунди по експлозијата на автомобил бомбата.

Самоубиствениот напад е изведен во парк во близина на стадионот на фудбалскиот клуб Бешикташ, додека автомобил бомбата експлодирала пред стадионот, рече Сојлу, нарекувајќи го нападот „безобзирна завера“.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека во Истанбул е извршен терористички напад и дека целта на напаѓачите била да се предизвикаат што поголем број жртви.

Турската ТВ станица НТВ наведе дека по експлозијата безбедносните сили детонирале сомнителен пакет пред стадионот.

Цел на нападот бил автобус со припадници на полицијата за разбивање на демонстрации, пренесоа турските медиуми.

Експлозиите одекнале два часа по завршувањето на натпреварот меѓу Бешикташ и Бурсаспор, а клубот соопшти дека никој од неговите навијачи не е повреден. Во тоа време навијачите веќе биле заминати од стадионот.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.