//
Следи нѐ
To Top

Гласањето во Теарце заврши – се чекаат официјалните резултати

Во 19 часот е затворено избирачкото место 2011 во Теарце, каде денеска се повтори гласањето за предвремените парламентарни избори.

Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласање може да поднесе приговор до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето односно објавување на првичните резултати. ДИК е должна да реши по приговорот во рок од 48 часа по приемот.

реклама

Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управиот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Секој избирач на кого му е повредено избирачкото право во постапка на спроведување на гласањето може да поднесе приговор до ДИК во рок од 24 часа. ДИК е должна во рок од четири часа по приемот да донесе одлука.

Против одлуката на ДИК, гласачот може во рок од 24 часа по приемот да поднесе жалба до Управниот суд на Република Македонија, кој пак по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение го поништува гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.

Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.

Државната изборна комисија (ДИК) донесе одлука да се повтори гласањето на ова избирачко место врз основа на симулацијата со која се покажа дека прегласувањето може да влијае на бројот на освоени мандати, и врз основа на одлуката на Управниот суд да ја прифати тужбата на Коалицијата предводена од СДСМ и да донесе решение за поништување на гласањето на ова избирачко место.

На избирачкото место 2011 во Теарце во Избирачкиот список се запишани вкупно 714 гласачи. На 11 декември на гласање излегле 404 од кои 91 гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 87 за СДСМ, 65 за Беса, 64 за ДПА, 53 за ДУИ, 25 за Алијансата на Албанците и по еден за ВМРО за Македонија и за Коалицијата за промени и правда – Трет блок.

Во Изборната единица 6 според првичните резултати на ДИК, најмногу гласови 40.599 освои ДУИ, потоа следи ВМРО-ДПМНЕ со 26.135, СДСМ со 25.828, Беса со 25.054, Алијанса за Албанците 17.970, ДПА 16.225, ВМРО за Македонија 919 и Коалицијата за промени и правда – Трет блок 239.

Според добиените гласови, најмногу пратеници, односно 6 освои ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ 4, Беса 3, СДСМ 3, Алијанса за Албанците и ДПА 2.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: