Следи нѐ
To Top

Хор, гудачки оркестар и тамбураши на концертот на „Бијело дугме“ оваа сабота во Скопје (ФОТО)

Најпознатиот бенд на поранешна Југославија „Бијело дугме“ в сабота, 8 април, ќе има концерт во ВИП-арената „Борис Трајковски“ во Скопје, на кој ќе настапат Горан Бреговиќ и двајца од трите вокали на групата – Младен Војичиќ-Тифа и Ален Исламовиќ.

Концертот го организира „Авалон продукција“ која денеска на прес-конференција најави дека ќе биде најспектакуларен кој бендот го одржал досега во Скопје, со учество на хор, гудачки оркестар, тамбураши…

реклама

Во Скопје доаѓаат по рекордно распродадени три арени во Белград и со листа на повеќе од 30 најпознати песни од нивниот опус. Денис Илиоски од „Авалон“ рече дека интересот за концертот во Скопје е доста голем и дека влезниците се речиси распродадени. Нагласи и дека скопскиот концерт е во организација ист како и минатогодишниот во Белград кога бендот имаше три концерти во белградската Арена.

Хор, гудачки оркестар и тамбураши на концертот на „Бијело дугме“ оваа сабота во Скопје (ФОТО)

– Комплетно се сели белградскиот концерт, а тоа значи и дека комплетно технички целата опрема што беше во Арена во Белград во сабота ќе ја имаме и во ВИП Арена во Скопје, рече Илиоски.

Младен Војичиќ-Тифа нагласи дека  Скопје задутре ќе има ист третман како што имаше и Белград три дена минатата година и дека, ќе биде, како што рече,  гранде концерт.

– На бина ќе има околу 40 музичари – машки голем хор, виолини, тамбураши, комплетниот оркестар на Горан со труби. Песните се преаранжирани за тој голем оркестар, тука ќе изведеме и неколку изискувачки стари песни уште од времето кога пееше првиот пејач во Дугме, така што треба да се дојде и да се слушне тоа, за да просудите дали е тоа добро или не е. Белград беше доказ дека беше  успешно и дека е многу, многу добро. Тоа ќе биде нешто најдобро што „Бијело дугме“ кога и да е досега го дало. Такви беа критиките за белградскиот концерт и се надевам дека така ќе биде и во Скопје, рече Војичиќ-Тифа.

Тој беше пејач во групата по заминувањето на Жељко Бебек и само на еден нејзин албум. Рече дека „Бијело дугме“ е позитивна работа и дека, ако тоа не било така, не би траеле 40-ина години.

Хор, гудачки оркестар и тамбураши на концертот на „Бијело дугме“ оваа сабота во Скопје (ФОТО)

– Бендот секогаш беше број 1 на просторот на поранешна Југославија. Во она време Дугме ми даде слава зашто беше голема работа да бидеш популарен во земја со 24 милиони жители. „Бијело дугме“ и ден-денес е во жижата на интересирањето, рече Тифа и додаде дека популарноста се должи и на лидерството на Бреговиќ кого го нарече алфа и омега на групата.

И Ален Исламовиќ, третиот и последен вокал во кариерата на бендот, рече дека очекува одлична атмосфера на концертот во Скопје.

– „Бијело дугме“ доаѓа во една голема формација во каква никогаш не бил досега, со голем оркестар кој го состави Горан и се надевам дека во сабота скопската и македонската публика ќе ужива во концертот. Собрани се сите најубави песни од опусот на „Бијело дугме“, сите оние од дамнешни времиња па до последните албуми кои ги пеев јас, рече Исламовиќ за претстојниот концерт на групата која беше формирана во 1974 и активна до 1989 година.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.