Следи нѐ
To Top

Светскиот ден на здравјето – 7 април, посветен на депресијата

По повод Светскиот ден на здравјето – 7 април, што годинава е посветен на депресијата, Македонското лекарско друштво денеска организира свечен собир, а ЈЗУ Здравствен дом на Скопје ќе постави пункт на плоштад Македонија за информирање на граѓаните за помош при депресија.

На собирот ќе биде претставен пригоден реферат на тема „Депресија – ајде да разговараме“, како што гласи и годишното мото на Светската здравствена организација за Светскиот ден на здравјето. Најавено е обраќање на претседателот на МЛД, доц.д-р Горан Димитров и ќе бидат доделени  и признанија од МЛД.

реклама

На пунктот, пак, граѓаните ќе  можат да зборуваат со здравствени работници и да се информираат за причините и можните последици од депресијата, како да ги препознаат симптомите и каде можат да побараат помош. Семејството, пријателите и колегите исто така можат да се информираат како да им помогнат на лицата со депресија. Ќе бидат поделени и флаери со превентивни содржини за депресијата, изработени од Светска здравствена организација.

Според податоците на СЗО, 322 милиони луѓе или 4,4 проценти од светската популација на глобално ниво имаат депресија. Утврдено е дека депресијата е главна причина за 800.000 самоубиства на годишно ниво во светот и оти е втора водечка причина за смртност меѓу помладата популација.

Целта на кампањата „Депресија – ајде да разговараме”, е  што поголем број луѓе кои имаат симптоми на депресија, да побараат навремена помош. Светската здравствена организација годинава посебно внимание посветува кај лицата кои се најосетливи, како што се адолесцентите и младите луѓе, жените во репродуктивен период, особено после породувањето, како и старите лица.

Според проект на Министерството за здравство, ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, од декември 2014 година, во пет поликлиники  има отворено центри за депресија, кои работат по еден ден во неделата во период од 15 до 20 часот. Во центарот работи тим од специјалист доктор психијатар и медицинска сестра. Досега во Центрите за депресија услуга побарале 324 лица.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.