//
Следи нѐ
To Top

Нухиу побарал разрешување на Чавков

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу  денеска соопшти дека поднел барање до Владата за разрешување на Митко Чавков од функцијата директор на Бирото за јавна безбедност.

Како што соопшти Нухиу на прес-конференција,  за координатор на Оперативниот штаб  со наредба е назначен Горанчо Савевски, државен советник во Бирото за јавна безбедност.

реклама

Нухиу информира и дека  МВР формира работна група составена од професионалци која има задача да утврди дали Оперативниот штаб и организициските единици во Министерството во четвртокот во Собранието постапувале согласно утврдените процедури, дали се направени пропусти, евентуални пречекорувања или неизвршување на работните задачи.

– Дел од структурите на МВР предизвикаа многу штета на нашата држава и на демократските вредности. Ова што се случи во четвртокот во Собранието е големо зло. За да ја поправиме штетата ќе биде потребно долго време и ангажман не само од сите служби на МВР, туку и од другите институции, истакна Нухиу.

Според него, враќање назад нема, работите мора да се расчистат до крај. Секој, како што додаде, ќе одговара за своите постапки.

Работната група на МВР ќе подготви извештај чии заклучоци, нагласи Нухиу ќе бидат доставени до Јавното обвинителство за натамошно постапување по работата на Оперативниот штаб.

Министерот ги повика сите вработени во МВР активно да се вклучат во расчистување на настаните од четвртокот,  преку пишување и доставување службени материјали. – Сакам да ги повикам и да ги охрабрам вработените во МВР професионално да продолжат да си ја вршат работата. На Министерството му се потребни професионалци кои во иднина ќе бидат столб на оваа институција, подвлече Нухиу.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: