//
Следи нѐ
To Top

Груевски осомничен за перење пари – СЈО бара замрзнување на дел од имотот на ВМРО ДПМНЕ

Специјалното јавно обвинителство денеска објави три нови истраги под името „Тревник“, „Траекторија“ и „Талир“.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска на прес-конференција соопшти дека станува збор за финансиски истраги и оти една е за незаконитости во постапка на градење.

реклама

Јанева побара од новото парламентарно мнозинство да се укине членот 22 од Законот за специјалното јавно обвинителство со што би се продолжила работата на ова обвинителство.

Рече дека 55 проценти од прислушуваните разговори кои ги поседуваат сега не се разгледуваат и оти работат на случаи отворени врз основа на веќе обработените 45 проценти од податоците.

– Ова јавно обвинителство ќе продолжи со работа се додека не се истражат овие разговори што ги поседуваме, а со цел да го исполниме мандатот за кој постоиме, рече Јанева.

Како што информира обвинителката Фатиме Фетаи, истрагата „Тревник“ опфаќа основано сомнение за кривично-правни дејствија на три лица за изградба на три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење.

Според прибавените докази, укажа Фетаи, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.

– Законот за градење предвидува обратен редослед, односно најпрво добивање на правосилно одобрение за градење, а дури потоа започнување со градење, а надвор од тој редослед таквите противзаконски дејствија се предвидени и казниви се со соодветно кривично дело „бесправно градење“ од член 244а став 1 од Кривичниот законик за кое што е и отворена оваа истрага, рече Фетаи.

Истрагата „Траекторија“, пак,  е отворена против четири службени лица поранешни високи владини функционери, осомничени за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластувања од член 353 став 5 во врска став 1 од Кривичниот законик“.

Според Фетаи, постои основано сомнение дека четворицата поранешни владини функционери во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Нанеле, наведе Фетаи, штета на Буџетот на Република Македонија во износ од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.

– Од доказите кои беа обезбедени во досегашниот тек на постапката произлегува основано сомнение дека четирите службени лица во постапката за избор на компанија изведувач покрај тоа што ја одбегнале примената на Законот за јавните набавки, постапиле спротивно и на условите поставени од кинеската Влада и од страна на кинеската Ексим банка како заемодавач. Имено, иако според претходно дефинираните услови, осомнитечите изборот на изведувач требало да го направат според домашното законодавство, а откако проектната документација ќе ја достават на компании во Кина кои се наоѓале на листата на кинески компании квалификувани за такви проекти, тоа не го сториле и документацијата ја доставиле само до две кинески компании, рече Фетаи.

Постои основано сомнение, појасни, оти во јануари 2013 година тројцата осомничени поттикнати од првоосомничениот иако биле доставени две понуди, преговорите ги воделе само со една компанија. Иако во текот на преговарањето со првата компанија, втората компанија која воопшто не ни била повикана на преговори, доставила дополнителна пониска понуда, според Фетаи, ваквата понуда не ја евидентирале никаде и ја сокриле по што парафирале усогласен текст на договорот за изведба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид со компанијата која имала повисока понуда.

„Талир“ е  третиот предмет, во кој, како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, станува збор за незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а се осомничени вкупно 14 лица. Фетаи појасни дека првоосомничен за злоупотреба на службена положба и овластување е претседател на партијата кој од 2009 до крајот на 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби. Посочи дека прифатил незакоски средства за финансирање на политичката партија, наместо, тие како што е предвидено во законот, да ги врати на лицата од кои потекнуваат или да ги уплати во буџетот на РМ кои понатаму ќе се користат за хуманитарни цели.

Како што наведе, била формирана група на лица која се занимава со перење пари и заедно со другите лица овозможиле средствата што потекнуваат од кривично дело преку месните организации на политичката партија да бидат внесени во жиро сметката на партијата. Внесувањето на средствата било извршено преку готовински уплати при што во уплатниците биле внесувани неточни податоци и преку злоупотреба на личните податоци на членството биле вршени уплати на незаконски стекнатите парични средства. Во периодот од 2009 до крајот на 2015 година преку готовински уплати на жиро сметката на партијата внесени се 301.531.662 денари или речиси 4 милиони и 900 евра. Според неа, постои сомнение дека парите биле користени за намирување на обврски на партијата како и маркетинг, услуги за истражување јавни мислења, хотелски, ресторански, кетеринг услуги, како и за купување на недвижен имот.

Фетаи истакна дека од 2009 до крајот на 2015 година биле скучени 71 договор за купопродажба на недвижен имот кој потоа е платен од незаконски стекнатите парични средства, а кој не бил во функција на остварување на целите и активностите на партијата. Како што рече, вкупно 11 лица се сомничат дека сториле кривично дело перење пари и други приноси  од казниво дело од Кривичниот законик од кои девет се осомничени како директни извршители, а двајца како помагачи.

Фетаи наведе дека според доказниот материјал ова не бил единствениот начин на незаконско фиансирање на политичката партија, туку како што наведе и преку потпишаниот договор за соинвеститорство со „Бетон“ од Скопје.

Според договорот вкупните вложувње на партијата имале вредност од 76.445.600 денари, додека на Бетон 556.041.640 денари, од кои 424.733.242 денари била вреднсота на изградениот обејкт. На сметката на политичката партија биле уплатени 131.308.398 денари на име регулирање на меѓусебните права и обврски кои произлегуваат од договорот.

– Постои основано сомение дека несразмерот на правата и обврските всушност претставува донација на Бетон кон ВМРО-ДПМНЕ со оглед на фактот дека Бетон во тоа време вршел и услуги по пат на договори за јавни набавки не можел да биде донатор, рече Фетаи. Во овој случај се сомничат две лица во својство на директни извршители и 3 како помагачи.

СЈО во моменов не бара притвор за осомничените, туку ќе достави 12 барања за замрзнување имот кој е незаконски стекнат.

Како што соопшти обвинителката Фетаи и покрај одлуката на Советот на јавните обвинители да не го даде предметот „Сопот“  во надлежност на СЈО од ова обвинителство ги истражиле основите односно наводите на јавно објавен разговор за тој предмет.  Дошле до заклучок дека исказот на сведокот Рамадан Бајрами на кој доказ се засновани сите осудителни пресуди кои се досега донесени, а се укинати и повторно се води постапка, е изнуден исказ. Според вештачењето кое што било наредено од страна на ова јавно обвинителство,  појасни Фетаи, како резултат на тортурата кај сведокот се предизвикани привремени последици по неговото психичко здравје.

– Имајќи предвид дека вештото лице оцени дека кај сведокот не се предизвикани трајни последици по психичкото здравје, кривичното дело „тортура“ останува во својот основен облик и таквите дејствија со оглед на предвидените казни се застарени за да бидат гонети. Делото сторено од страна на службените лица застарело во 2008 година. Сепак, и покрај застареност на гонење, овие докази и фактите кои произлегоа од нив имаат директни импликации врз постапката која се води пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје и доколку предметот биде даден на наша надлежност,  ќе ги презентираме пред Судот, а доколку и ќе донесеме соодветна јавно-обвинителска одлука, а доколку не ни се достави до Обвинителството за организиран криминал ќе поднесеме извештај за сите овие докази и факти во прилог на утврдената фактичка состојба, рече Фетаи, посочувајќи дека е во тек и предистражна постапка за откривање на сторителите на ова кривично дело, но оти поради тајноста нема да соопштат детали.

Специјалното јавно обвинителство досега покрена истраги за случаите „Тортура“, „Титаник“, „Транспортер“, „ТНТ“, „Тврдина“, „Трезор“ „Топлик“, „Тендери“, „Таргет“, „Труст“, „Тифани“ „Тенк“, „Триста“, „Табла“ и „Тотал“.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: